Кратко по објавата на првиот сингл насловен „Чудо“, бендот Лилит се враќа во етерот со новата песна „Миризлива градина“. И овој сингл уште на почеток наиде на прифаќање од публиката и добива само позитивни коментари.
За нумерата е снимен интересен видео запис под режисерската палка на Кристина Нановиќ, видео монтажа на Бобан Костовски и мастер микс на Љупчо Соколовски.
-Симбиозата од различни музички стилови, крунисана со нивниот препознатлив џез призвук, ја пренесува пораката која е носечки столб на филозофијата на Лилит. Сите делови на животот се испреплетени во еден круг и магичен циклус, а нашиот начин на размислување е оној кој одлучува дали тие делови ќе се синхронизираат или уништат едни со други – појаснуваат од продукцијата по повод новото музичко парче на бендот.
Лилит е вистинско освежување на модерната музичка сцена. Вокалистка е охриѓанката Емилија Колоска, која доби низа позитивни критики од јавноста веднаш по објавувањето на првата песна „Чудо“.
-Во светот на Кардашијанки и Карлеуши бидете Емилија Колоска – е еден од многуте коментари по повод појавата на сцената на бендот кој воодушевува со смирувачката музика испреплетена со различни стилови.
Вики Клинчарова