Претседателката на ДОМ, Лилјана Поповска денеска на јавната расправа во Собранието побара да се промени амандаманот со кој покрај бракот се дефинира и вонбрачната заедница како заедница меѓу еден маж и една жана.
За Поповска, која инаку е коалициски партнер на Груевски во Владата, неприфативо е дефинирањето на вонбрачната заедници и таа ќе гласа против овој амандаман ако не се извади формулацијата.
– Овој амандман претрпе суштествена измена во летниот период. Додадена му е дефиниција за вонбрачна заедница и партнерство, која е исто така дефинирана каква смее да биде. Со оваа додавка амандманот стана проблематичен и неприфатлив. Имено, се навлезе во приватната сфера на граѓаните, што е недозволиво според меѓународните конвенции за почитување и заштита на човековите слободи и права. Како може државата да се меша во приватниот живот на луѓето и да им ѕирка во домовите – прашува Поповска.
Според неа, не се само ЛГБТ-луѓето тие што ќе бидат со ова оштетени, туку и други граѓани, кои од различни лични причини се здружиле во заедница – тоа може да биде и постар човек и дете, кои живеат со други луѓе.
– Ако е дозволено само хетеросексуално партнерство и заедница, тогаш се изведува заклучок дека се друго е забрането. А она што од државата е забрането, таа може да го гони. Се поставува прашањето: дали државата има намера да ги гони ЛГБТ-луѓето? Поради која причина и со која цел? Јас верувам дека сегашните предлагачи немаат таква намера, но кој ќе гарантира дека некои идни спроведувачи нема по тоа да посегнат? Македонија е земја која има многу сериозни проблеми и се бори со нив, повеќе или помалку успешно. Нам не ни требаат измислени непријатели. Се работи за живи луѓе, наши сограѓани, ЛГБТ-луѓе. Малцинска групација, како и во секое општество, која не може надвор од својата природа и која има право на живот, на работа, на правда, на љубов. За луѓе се работи, различни од мнозинството. Луѓе кои не смеат да бидат дискриминирани, ни понижени. И кои дефинитивно не треба да се мразат. Ниту да се мразат оние, кои не ги мразат ЛГБТ-луѓето – порача пратеничката.
Во првата верзија беше дефиниран бракот како заедница меѓу еден маж и една жена и амандамаот како таков Поповска го поддржи.