Водителката Лила Филиповска, која неодамна јавно прозборе за тешката борба со ракот на дојка, се огласи во јавност и се заблагодари за сите пораки со поддршка и убави желби кои ги добила.
Таа открива дека наредниот период детално ќе раскаже за својот пат кон оздравувањето, со цел да им помогне на оние кои го минуваат истото.
-Еве баш вака сум насмеана заради илјадниците пораки што ги добив од вас драги пријатели, тони љубов и желби за добро здравје. А што друго ни треба? Ако немаш здравје немаш ништо!!!
Ама кога го имаме често забораваме да го цениме. Секој има своја борба, и никогаш не знаеш кој со каков проблем се соочува… затоа секогаш биди љубезен, барем тоа е бесплатно.
Жалам што не можам на сите да ви вратам на прекрасните пораки, но еве на овој начин сакам да ви се заблагодарам искрено и од срце за одвоеното време и убавите желби.
Во наредниов период подетално ќе зборувам за мојот пат, се со цел да помогнам некому што можеби го поминува истото… затоа што во вакви моменти поддршката е најважна и ве молам секогаш кога можете давајте ја, затоа што тоа е главната сила во битката со секое зло, па и со ова-порача водителката.
Пред неколку месеци, кога јавноста не знаеше дека Филиповска води тешка битка со ракот, во повеќе наврати таа се најде на мета на невкусни коментари на социјалните мрежи, бидејќи се појавуваше на јавни настани со перика.
Тогаш водителот Зоран Василевски, кој е нејзин добар пријател, за ,,Фокус” изјави дека е згрозен од суровоста на дел од јавноста, посебно бидејќи се коментира и се суди, без да се знае кој каква битка води во својот живот.
Како што потоа појасни и Лила, додека таа одела на лекување во клиника во Истанбул, многумина мислеле дека оди на шопинг и шетање.
Вики Клинчарова