Лигушите кои го направија Путин моќен – Дневникот на Ана Политковскаја (3)

by Фокус 09:28
09:28

Фељтонот  за прв пат е објавен во неделникот „Фокус“ пролетта 2010. Вториот дел може да го најдете на овој линк.

- Advertising -

Третиот дел на нашиот фељтон почнува со продолжението на разговорот од отворената телевизиска линија – средбата на Владимир Владимирович Путин со народот. Големиот настан од 18 декември 2003-та, виртуелниот дијалог на претседателот со земјата, го диригираа неговите омилени телевизиски водители, Сергеј Брилев од Канал Русија и Екатерина Андреева од Канал Еден.

Беше објавено дека пристигнале над еден милион прашања. Човек останува со впечатокот дека прашањата не се спонтани, а и одговорите изгледаат претходно подготвени. Путин чита статистики од своите белешки, и покрај тоа што прашањето е зададено во живо, во етер!? Очигледно, како некои други лидери на многу помали и појужни европски земји, одговара само на прашањата на кои сака – од платите во индустријата, приватизацијата, закачувањето негови портрети во институциите, преку Садам Хусеин, меѓународниот тероризам, меѓуетничките односи во Русија, до окучувањето на неговата кучка и музиката што ја претпочита!

Валентина Алексеевна од Краснодар: Уште не сте објавиле дали ќе се кандидирате за нов претседателски мандат. Какви Ви се плановите?
Путин: Да, ќе се кандидирам. Наскоро ќе дадам официјална изјава.

Алексеј Викторович, военоморска база за ремонт на бродови, Мурманска област: Од август не сме добиле плата и вонредни награди. Кога ќе се среди тоа?
Путин: Што се однесува до буџетот, прашањето е решено. Исплаќањето на платите не треба да се забавува повеќе од два дена. Што се однесува до индустријата, тука има некои разлики. Некои државни претпријатија се на буџетско издржување. Финансиската состојба на некои од нив е лоша. Во други случаи за тоа се виновни сопствениците и раководството.

Прашање од Брилев: Како се однесувате кон закачувањето Ваши потрети во државни згради?
Путин: Претседателот е симбол на државата, така што во тоа нема ништо страшно. Се е добро во умерени граници. Кога тие граници ќе бидат пречекорени, ќе има основа за беспокојство.

Водник Сергеј Сергеевич, руска воена база во Кант, Киргизија: Американците успеаја да го фатат Садам Хусеин, но, Ирак се претвора во втор Виетнам. Сите ќе избегаат од таму. Хаосот ќе се одрази на сите…
Путин: Сергеј Сергеевич, не е во нашите национални интереси да ги видиме САД победени во нивната борба против меѓународниот тероризам. Што се однесува до Ирак, тоа е друго прашање. Кај Садам Хусеин немаше меѓународни терористи. Без одлука на Советот за безбедност на Обединетите нации, навлегувањето во земјата не може да се смета за законско, благо речено. Во сите епохи, големите империи самите се заблудувале во поглед на нивната неранливост, големина и непогрешливост. Тоа секогаш им создавало огромни проблеми. Се надевам дека истото нема да се случи со нашите американски партнери!

Сериозните кандидати се отжауваа од избори


РУСИЈА ЗА РУСИТЕ… ЗА ИДИОТИ ИЛИ БУНТОВНИЦИ!

Виталиј Потапопов, електротехничар, Боровичи, Новгородска област: Кучето Ви се породи точно пред парламентарните избори. Како се кученцата?
Путин: Добри се. Многу се витални, но, уште не прогледале. Што се однесува до нивната иднина, многу луѓе сакаат да ги земат. Ние со децата и жена ми треба да помислиме за тоа прашање. Треба да најдеме добри стопани за кучињата. Треба да знаеме на кого ги даваме.

Балкаров, Кабардинец, Налчик: Работам во рускиот театар. Абхазијците (населението на спорниот дел на Грузија) се сродни со Кабардинците (кои се руски граѓани). Можеби треба да ја земеме Абхазија во Руската федерација, за да спречиме нова војна?
Путин: Тоа прашање е многу болно за Русија како целина и особено за нашите јужни региони. До скоро, зачувувањето на територијалната целина на земјата ни беше еден од главните проблеми и приоритети. Општо земено, таа задача е исполнета. Кога веќе се придржуваме на тие принципи, ние не можеме а да не ги бараме и за нашите соседи.
Русија е членка на Обединетите нации и ние ќе ги исполнуваме надворешните задолженија. Но, треба да го имаме предвид и фактот дека семејството на планинските народи е посебна заедница, опфатена со роднински врски, кои потекнуваат од пред многу векови. Ние не сме сосема рамнодушни кон судбината на тие народи. По распаѓањето на СССР избувнаа многу конфликти – во Јужна Осетија, Карабах, Абхазија.
Грешка е ако сметаме дека Русија сама е способна да се справи со се. Еве што им предлагам јас: Решете ги нештата помеѓу вас и ние ќе ви станеме непристрасен гарант. Ќе продолжиме внимателно да го следиме абхазискиот проблем, но, ќе го уважуваме територијалниот интегритет на Грузија!

Ахмед Сазаев, балкарски писател: Законот забранува распалување меѓуетничка омраза, меѓутоа, за време на предизборната кампања, некои партии го издигнаа лозунгот „Русија на Русите“. Зошто им беше дозволено да ги изразуваат тие погледи на телевизијата?
Путин: Секој што повторува – Русија за Русите, или е идиот, или е бунтовник. Русија е многунационална држава. Што сакаат тие, нова поделба ли сакаат? Распарчување на Русија? Тоа најверојатно се интриганти, кои бараат лесни печалби, кои сакаат да го демонстрираат својот радикализам. Што се однесува до предизборната кампања, не сум видел такво нешто на телевизијата. Ако сепак нешто навистина имало, ќе разговарам со главниот обвинител. Треба да се преземат мерки.

Наталија Котјонкова, Краснојарск: Не е ли време да ја прекинеме приватизацијата и да започнеме повторна национализација?
Путин: Тоа прашање не е ново и јас имам свое гледање за него. Кога започна приватизацијата, се сметаше дека новите сопственици ќе дејствуваат поефикасно. И тоа беше точно така. Само што во високоразвиените земји има добро развиен административен систем. Со даночните приходи од приватни претпријатија, државата ги решава социјалните проблеми на своите граѓани. Но, ние се најдовме во потешка положба, затоа што немавме административен апарат и неопходните средства не влегуваа во државната каса. Убеден сум дека треба да ги засилиме државните институции и законодавните органи, и да го усовршиме административниот систем, а не да ја прекинеме приватизацијата!

Дмитриј Егоров, дваесет и пет годишен: Јас слушам хеви метал. Каква музика вам Ви се допаѓа?
Путин: Полесна класична музика и руска оркестарска музика со вокални исполненија.

Алексеј, Свердловска област: Многу строго ли ги воспитувате ќерките?
Путин: За жал, не. Или за среќа. Моите девојчиња пораснаа самостојни, со високо самочувство. Ми се чини дека резултатот е добар.

Ирина Можајскаја, учителка: За време на последните три месеци, во Старополие беа извршени дванаесет атентати. Во Есентуки загинаа четириесет и пет души. Како ќе биде ставен крај на тоа?
Путин: Каде се корените на тој проблем? Чеченија не е единствената причина. Некои луѓе низ светот мислат дека тие имаат право да ги определуваат гледиштата на муслиманите, дека имаат право да ги управуваат регионите што се густо населени со муслимани. Тоа е особено важно за нашата земја. Ние ги нарекуваме таквите луѓе – „меѓународни терористи“.
Тие ги исползуваа проблемите настанати со распаѓањето на СССР, кои се поврзани со тоа што се случи во Чеченија, но терористите имаат други цели. Тие не се борат за независност на Чеченија, туку за отцепување на сите региони со доминантно муслиманско население. Едно распарчување на Русија би било ужасно. Треба да го спречиме.
Опасноста доаѓа од надвор. Педесет проценти од екстремистичките исламистички групи во Дагестан се состојат од странци. Единствениот начин е да не потклекнуваме на нивниот притисок, да не паничиме. Треба да дејствуваме тврдо и систематски, а органите на редот треба да ги усовршат своите методи.

Анатолиј Никитин, Мурманска област: Министерството за внатрешни работи и Сообраќајната полиција очигледно сметаат дека постојат само за да бидат парично помагани. Добро ли сте информиран што се случува во тие органи?
Путин: Оваа година во Министерството за внатрешни работи беа регистрирани над деветнаесет илјади неправилности и над две илјади и шестотини од нив претставуваат нарушување на законот. Против многу службеници беа подигнати обвиненија. Ќе продолжиме да ги засилуваме службите за безбедност. Ќе ви одговорам чесно – Да, јасна ми е реалната состојба кај органите на редот!

Сергеј Татаренко: Дали државата има намера да го прекине приливот на Кинези на Далечниот Исток?
Путин: Не да го прекине, туку да го регулира. Треба да знаеме каде, од колку и од какви имигранти имаме потреба, за да најдеме начин како да ги привлекуваме. Корупцијата во таа област е исклучително голема.

Лидија Иванова, Химки, Московска област: Ќе биде ли создаден механизам за борба со корупцијата во обвинителството и судот? И во извршните органи на државата?
Путин: Освен дека треба да станеме построги по тоа прашање, се налагаат и фундаментални промени. Нужна ни е реална административна реформа. Колку помала можност имаат чиновниците да се мешаат во носењето решенија, толку подобро. Судскиот систем треба да биде независен, но, отворен – одговорен пред општеството. Судиите веќе имаат систем за саморегулација. Се надевам дека ќе започне да функционира!

Затворот за Ходорковски како предизборен потег


РУСИТЕ ВО ПРИБАЛТИКОТ, КАКО АЛБАНЦИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА?

Ивета, студентка на Педагошкиот универзитет, Нижни Новгород: Тврдат дека сте ученик на Анатолиј Собчак, еден од основачите на демократското движење. Каков Ви е односот кон поразот на политичката десница?
Путин: Собчак беше мој професор на универзитетот. Поразот на десницата не ме радува. Во нашиот парламент треба да бидат претставени сите политички сили во земјата. Нивното отсуство е сериозна загуба, но, тоа е резултат на нивната сопствена политика. Тие си допуштија тактички и стратешки грешки во политичката кампања.
Имаа достап до административни ресурси – Чубаис го раководи целиот електро-систем на Русија. Имаа се, само не разбираа што очекува народот од политичките партии. Освен тоа, различните сили во десницата, ја немаат политичката волја да се спогодат за единствен курс на дејствување. Се надевам дека поразот нема да доведе до нивно исчезнување од политичката сцена. Ние, исто така, ќе им помогнеме. Ќе спроведеме дискусии со Сојузот на десните сили и Јаблоко, и ќе се обидеме да ги исползуваме нивните човечки ресурси.

Владимир Биковски, Чувашија: Си дозволувате емоции?
Путин: За жал, да!

Доброслава Дјачкова, пензионерка, Виборг: Работам во дом за стари и сакати луѓе и често разговарам со нив. Мнозина имаат роднини и пријатели во прибалтичките држави. Зошто Русија не презема порешителни мерки за заштита на руското население во Прибалтикот?
Путин: Последните години, нашето надворешно министерство одделува се поголемо внимание на тој проблем. Многу нешта таму се причина за сериозно беспокојство. Не може да се каже дека правата и слободите на тие луѓе не се кршат.
Ние се обидуваме да им помагаме и по дипломатски пат, и во судски дела на различно ниво, но, некои западноевропски стандарди, кои се сметаат за умесни во редица други жешки точки, треба да се применуваат и кон прибалтичките држави. Штом Организацијата за безбедност и соработка во Европа и Европската унија сметаат дека албанското население во Јужна Македонија треба да има свое национално претставништво, зошто тој принцип да не важи и за Рига, каде дваесет и пет проценти од населението е руско?
Зошто се применуваат различни стандарди? Сепак, за да не им наштетиме на нашите сонародници, наместо да им помогнеме, ние ќе го третираме тој проблем вонредно внимателно.

Ана Новикова, универзитетска професорка: Тие што тргуваат со дрога, треба да бидат осудени на доживотен затвор!
Путин: Предложив промени во законот, кои воведуваат построги казни. Третата Државна дума ги гласаше, Советот на федерацијата ги поддржа и јас пред една недела ги ратификував. Тежината на казните значително се зголемува – некои категории добиваат до дваесет години затвор. Сметам дека тоа е суштествено подобрување.

Потоа Путин прочита избрано од него прашање, добиено по имејл: Каков Ви е односот кон продолжувањето на претседателскиот мандат?
Путин: Јас сум против такво продолжување. Веднаш по тоа комуницирање со народот, Претседателот изјави за печатот: „Нашиот државен систем уште не е наполно развиен. Се во Русија е во процес на промена. Директното комуницирање со народот е вонредно полезно“.

И, разговорот го заврши со следната реплика, која можеби објаснува, зошто воопшто учествувал во него:
„Закрепнувањето на демократијата во Русија има практично значење. Се создаде ситуација, која ќе ни дозволи да изградиме уникатен повеќепартиски систем, со силен десен центар, социјална демократија од лево, сојузници од двете страни и претставници на маргинални групи и партии. Сега таа цел е наполно достижна“.
Чудна изјава, која не ја одразува реалноста!

 

ПРАТЕНИЦИТЕ НАВАЛИЈА ВО ПОБЕДНИЧКАТА ПАРТИЈА

Доколку го анализираме разговорот од предизборна гледна точка, главните точки од Путиновата платформа од 18 декември, изгледа дека се следните: Борба против сиромаштијата, заштита на уставот, градење повеќепартиски систем, борба против корупцијата и тероризмот и развивање систем за кредитирање.
Колкав дел од сето тоа има веројатност да реализира нашиот виртуелен претседател?

20 декември
Денес е денот на тајните служби. ЧК-ОГПУ-НКВД-КГБ-ФСС постои веќе 86 години. Тоа е главната вест на телевизијата. Каков ужас! Репортажата е непристрасна, небаре таа крвава организација не погубила милиони луѓе!? Но, што друго и да очекуваме од земја, чиј раководител отворено признава дека дури и на претседателската функција си останува „активен резервист на службата“!?
Крајниот резултат од парламентарните избори: 37,55 отсто за Единствена Русија (120 места), 12,6 за Комунистичката партија (40 места), 11,45 за Либералдемократската партија (36 места). Родина освои 29 места. Во три избирачки округа, Свердловската и Улјановската област и Санкт Петербург, на 14 март ќе се спроведе втор круг, затоа што претходниот пат успешен кандидат не бил никој од горепосочените. Од утре партиите можат да ги номинираат своите кандидати за претседател.

Пратениците, пак, навалија кон пристапување во Единствена Русија. Особено болно е изневерувањето на Павел Крашеников, избран како независен кандидат, меѓутоа, од порано познат на електоратот како либерал и член на Сојузот на десните сили. Државната дума почна да станува еднопартиска.

21 декември
Јавлински откажа да се кандидира за претседател од името на Јаблоко. Освен тоа, изјави дека ќе создаделе „голема демократска партија“ меѓутоа, изјавата ја даде со оној поглед од високо, кој ги одбива сите гласачи. Доказ повеќе, ако такво нешто воопшто ни е нужно, дека ни требаат нови лица и нови лидери. Денешните се неупотребливи за да создадат демократска опозиција.
Хакамада исто изјави дека Сојузот на десните сили нема да номинира свој кандидат. И даде убедливо објаснување: „Од изборните резултати стана јасно дека луѓето не сакаат да ја раководиме земјата“.
Комунистите, исто така, велат дека не сакаат да учествуваат на изборите. Опозицијата од десно и од лево, ги бојкотира претседателските избори: „Тоа ли е единствениот начин да учествуваат во политиката на земјата по декемвриските избори?“

22 декември
Денес Путин ги поднесе документите во Централната избирачка комисија, поддржан од група избирачи, кои се готови да соберат потписи во поддршка на неговата кандидатура. Кремљското испитување на јавното мислење покажува дека, доколку изборите беа денес, 72 проценти од електоратот ќе гласа за Путин.
Кој е против него? Во моментот, единствената алтернатива е Герман Стерлигов, сопственик на погребално биро, кој произведува ковчези. Зад него не стои политичка партија, туку само многу пари и „рускиот идеал“. Тотален аутсајдер. Другиот потенцијален кандидат е Владимир Жириновски, кој изјави дека Либералдемократската партија ќе номинира свој кандидат. И тој е аутсајдер, кој го одработил своето за да стане свој човек во Кремљ.
Путин изгледа смешен во такво друштво. За време на следните неколку недели, администрацијата сигурно ќе скалапи група од подостојни кандидати, кои тој ќе ги победи.

 

РИТУАЛНИ УБИСТВА – ПОСЛЕДИЦА НА РАСИСТИЧКАТА ПРОПАГАНДА

Оваа вечер стана јасно дека Главното обвинителство сака Ходорковски да остане во притвор до 25 март. Со други зборови, тој ќе го гледа реизбирањето на Путин од затвор. Го доведоа во судот дури накај 16 часот. Некаде по 18 часот, кога беа отидени сите судии, службеници, сведоци, извршители и обвинети, вратите на Басманскиот суд се затворија и започна неговиот процес.
Од што им е толку страв? Дали навистина Ходорковски е најопасниот човек во Русија? Дури ни со терористите не се однесуваат така, а на Ходрковски му се поднесени обвиненија по седум точки за финансиски неправилности. Се уште никој сосема не верува дека ќе го осудат Ходорковски. Повеќето си мислат дека тоа е само некаков кремљски маневар, кој ќе заврши со реизборот на Путин. На 30 декември истекува рокот, до кој можат да го задржат олигархот, но, претходно е закажано судско заседание во московскиот Басмански реонски суд, на кој ќе му го продолжат притворот. Околу 22 часот го вратија во затворот „Матроскаја тишина“. Барањето на Главното обвинителство беше задоволено.
Некои резултати од изборите за губернатори, спроведени минатата недела: 9 отсто од избирачите во Тверска област гласаа за никој од горепосочените. Во Кировска област – 10 отсто.
Луѓето што гласаат Против, денес се вистинските демократи во Русија. Тие ја исполнуваат граѓанската должност со гласањето; повеќето се сериозни луѓе, на кои тие што се на власт им предизвикуваат одвратност!

23 декември
Во Москва се извршуваат ритуални убиства. Открија втора отсечена глава за последното деноноќие, овој пат во источната престолничка населба Голјаново. Била во контејнер за ѓубре на улица „Алтајска“. Сношти, пак, најдоа глава во најлонска ќеса, оставена врз маса во дворот пред станбениот блок 3 на улицата „Краснојарска“.
Двајцата мажи биле мртви дваесет и четири часа пред откривањето на главите. Околностите во такви случаи се речиси идентични: жртвите се од Кавказ, на возраст 30-40 години, со темна коса. Идентитетот им е непознат. Главите се најдени на еден километар растојание една од друга.
Такви се резултатите од расистичката пропаганда во предизборната кампања. Нашиот народ е многу податлив на фашистичка пропаганда и реагира веднаш. Порано, овој месец Родина, партијата на Дмитриј Рогозин, доби во Москва 15 проценти. Сојузот на десните сили и Јаблоко објавија нов заеднички проект: Обединет демократски совет, меѓупартиски орган, во кој секоја партија ќе номинира по шест души. За време на прес-конференцијата, дури и партиските работници очигледно немаа многу верба дека советот ќе профункционира. Јавноста изгледа воопшто не се интересира што ќе се случи со Јавлински, Немцов и партиските функционери од Јаблоко.

Бизнисмените како мачиња пред Путин

ПРИМАКОВ МУ СЕ УЛИЗУВА НА ПУТИН

Путин спровел средба со бизнис елитата, или, поточно, имало заседание на бордот на Трговско-индустриската комора, на која присуствувал и претседателот. Тој ја претпочита Комората пред РСИП, Рускиот сојуз на индустријалците и претприемачите, кој се смета за професионален сојуз на олигарсите. Токму од името на РСИП, Анатолиј Чубаис го заштити Ходорковски малку по притворањето. Без да си ги мери зборовите, Чубаис говореше за ескалација на дејствијата на владата и органите на редот во однос на рускиот бизнис. Предупреди дека довербата на бизнисот во владата е расколебана:
„Рускиот бизнис веќе не му верува на сегашниот систем на заштита на правото и редот, ниту на оние кои го раководат“. Тоа се остри зборови без преседан од страна на бизнисот кон владата!

Путин им одговори со тоа што јавно изјави, да ја прекинат хистеријата, и ја посоветува владата да не дозволи да биде вовлечена во таква дискусија. Ја остави без внимание суштината на протестот на олигарсите и изрази полна доверба во институциите за заштита на правото и редот. Кога во јануари го назначија Борис Гризлов за претседател на Државната дума, претседателот го унапреди во министер за внатрешни работи Рашид Нургалиев, еден од најодвратните шефови на милицијата. Можно е, значи, тоа да го направил како одговор на шушкањата од она време, дека Путин бил слаб раководител. Можно е, значи, ова да е обид, да ја демонстрира силата на режимот!

Но, средбата со Трговско-индустриската комора мина многу поспокојно. Тој ја гледа Комората како сосема различна категорија од РСИП. Претседателот на ТИК, онаа итра стара советска лисица Евгениј Примаков, прочита говор, во кој пет пати го цитираше Путин, при што секогаш започнуваше со:
„Како што правилно посочи Владимир Владимирович…“.

Примаков го увери Путин дека олигарх и крупен претприемач се сосема различни нешта. Зборот олигарх доби негативна смисла. На крајот на краиштата, што означува тој? Човек што се збогатил со разбојнички махинации, не на последно место со прикривање даноци, кој може да подметне нога на своите бизнис-партнери или да се обиде грубо да се меша во политиката, да корумпира чиновници, партии, пратеници… и така натаму.
Целата реч на Примаков беше изнесена во стилот на советската сервилност и очигледно многу му се допадна на Путин!

Потоа дојде време за прашања. Нормално, го прашаа дали ќе има ревизија на резултатите од приватизацијата. Иако не беа сојуз на олигарсите, аферата „Јукос“ ги вознемируваше сите.

Путин одеднаш се развика, небаре амбулантен трговец или чувар:
„Нема да има никаква ревизија на приватизацијата! Законите беа сложени, замрсени, но, беше наполно возможно да бидат почитувани! Во тоа немаше ништо невозможно и оние, кои сакаа, се придржуваа до нив! Ако пет-десет души ги нарушувале, тоа не значи дека сите се виновни! Оние кои се придржуваа до нив, сега спијат спокојно, иако не се збогатија толку многу! Со оние, кои ги нарушуваа, не бидува да се однесуваме на истиот начин како со оние, кои се придржуваа до нив!“. Инаку, длабокиот спокоен сон е руски евфемизам за смртта.

После тоа избувнување на Путин, заседанието продолжи мазно. Бизнисмените си ги прочитаа рефератите и дадоа социјалистичко ветување, дека ќе исполнат различни задачи, баш како во времето на СССР. Примаков продолжи да се држи така, како што никој не се понижувал уште од ерата на Горбачов, т.е. да ги лиже ѓоновите на државниот раководител и да се колне дека немало поискрени зборови од неговите.

Во декември 2003-та, тоа го дразнеше увото и мнозина беа зачудени од поведението на Примаков. Потоа стана јасно дека тој просто прв почувствува на каде дува ветерот. Речиси сите, кои држеа говори во присуство на Путин, почнаа често да го цитираат, баш како во времето на Брежњев, и да не му задаваат непријатни прашања!

(продолжува наредниот петок)

Поврзани новости