Пишува: Арбен Гоља, адвокат
Имав среќа да се родам во едно здраво општество зад кое како цврст темел стоеше здрава држава, наречена СФРЈ. Во таа иста држава во која за првпат по многу векови и македонскиот народ доби своја држава и државност. И така во тоа „едноумие“, како што милуваат да кажат нашите вмровчиња, замислете се реализира вековниот сон на македонскиот народ, ни ја „подари“ Јосип Броз Тито и останатите „комуњари“ од едноумието. Не беа тоа Гоце Делчев, Питу Гули и други, од чии споменици полн ни е целиот град, и тоа качени на коњи, цела ергела. Секоја чест, се бореле и сонувале, па дури многу од нив и го дале својот живот за оваа цел и тоа е за почит, но не успеале и целта не била остварена.
Од друга страна, ниту еден споменик посветен на главниот „виновник“ што имаме своја држава, Јосип Броз Тито, а за другите „комуњари и да не збориме. Но, историски е докажан нашиот неблагодарен менталитет и неспособност за вреднување и особено девалвирање на нашите прави вредности. Но, да се вратам на државата СФРЈ, каде што сите бевме еднакви, со еднакви можности за школување, лекување, вработување. Каде секој вработен од својата фирма, фабрика добиваше стан, каде што неговите деца можеа да одат на летување на море, на скијање.
ЧОВЕЧЕ СО МЕКО „Р“
И така, додека траеше тоа едноумие викано СФРЈ, бар 80 отсто од граѓаните на Република Македонија го решија своето станбено прашање. Благодарение на ова и сега хендикепираните млади генерации имаат каков-таков кров над глава во заедница со мама и тато, современици на тоа време.
Дури и нашиот сега формално експремиер треба да му заблагодари на горенаведениот виновник што му го прибра татко му егеец што талкаше како апатрид (човек без држава), од Ташкент, па надолу-нагоре. Му даде стан, вработување и му овозможи да се роди малото диктаторче со меко „р“. Сега тоа човече со меко „р“, наместо да му се заблагодари што воопшто постои, го плука својот креатор (во секоја креација постојат и делови со вградена мана… не се мисли на мекото „р“).
Распадот на СФРЈ овозможи токму овие креатури со вградена мана да се експонираат во новото плурално општество, како членови на партии, бидејќи во недостиг од индивидуални квалитети за да се афирмираат во истото, тие беа единствен лек за нивните фрустрации и комплекси. Во политиката, во Македонија влегоа лигуши и уличари. Лигуши беа луѓе, кои својот интелектуален хендикеп го лечеа преку членство во младински организации и комунистичката партија, а продолжија како СДСМ. Уличари, пак, се другиве, како што милувам да ги викам вмровчињава ВМРО-ДПМНЕ, ДПА, ДУИ, ГРОМ и др. Така овој шести ешалон на анонимуси со вградена мана завладеаја со осамостоената Македонија.
Кога лигушите стапија на власт и почнаа да крадат, си помислив, па добро, се создаваат класи и се случува првобитна кумулација на капиталот. Ќе направат капитал, па потоа ќе инсталираат правна држава за да си го заштитат истиот. Но, на мое разочарување, не се случи така. Тие не се задоволија со тоа, па продолжија да си ја крадат сопствената земја. На овој начин, покрај ова, направија уште поголемо зло, со своите политики им овозможија на уличарите да ја преземат власта и тука настапува 10-годишен мрак од кој никако да излеземе.
ЕГОЦЕНТРИЧНА И ПРОСТА ТОЛПА
И едните, и другите, а особено другиве доживуваат задоцнет пубертет лечејќи ги своите фрустрации и комплекси таложени од своето детство, на сметка на земјава, која полека, но сигурно тоне. Станавме заробеници на една егоцентрична и проста толпа, која веќе 25 години нѐ држи во заложништво, уништувајќи ни ги животите убивајќи ја во нас и последната надеж дека ќе имаме достоинствен живот.
Се прашувам каде е демократијата на едно плурално општество, кое е плурално само на хартија, ова претставува едноумие или во најдобар случај двоумие. Па, во системот, кој така безмилосно го плука оваа багра, имаше многу поголема демократија и почит кон граѓанинот како единка, иако беше еднопартиски систем. Да не говорам за образованието, културата, здравството и хуманоста. Сега сето ова е девастирано и јадно и, што е загрижувачки, продолжува овој тренд, кој неминовно води кон самоуништување.
Показател на ова е и срамната одлука на петтемина уставни судии, како мнозинство, со која се овозможува на нашиот послушен претседател на државата да амнестира криминалци, педофили и терористи. Со ова јасно се промовира дека стануваме земја на беззаконие. Ги гледам оние јадници квазипатриоти во шатори пред Уставниот суд, немаа ама баш поим зошто се тука. Некој им рекол дека го бранат уставниот поредок и законитоста и истите како папагали гракаат во еден глас. Јадни мали егоистични човечиња, кои, всушност, ја бранат својата бедна платичка, со која им се заканиле дека ќе им ја одземат. Сиромашките, не сфаќаат дека всушност си ја уништуваат сопствената држава, а без неа ќе ја нема и платичката.
Крајно време е овој народ да се свести и да сфати дека неговата судбина исклучиво зависи од него самиот, а не од група криминалци без чест, морал и етика, во чии болни умови животот е само нивна привилегија. Зар толкав народ треба да се плаши од шака себични малоумници. Ајде народе, без разлика на вера, етникум и определување, дигнете го гласот против тиранијата, беззаконието, угнетувањето, покажете дека оваа наша и единствена Македонија има капацитет и слободарски дух да ги казни тие што сакаат да ја уништат.