Лидерската четворка на десницата денеска на преговори

by fokus

Се засилува темпото на преговори на помалите политички партии за предизборни коалиции – денеска се очекува средба на лидерската четворка Павле Трајанов, лидерот на Демократскиот сојуз, Љубчо Георгиевски, претседателот на ВМРО – Народна партија, Љубе Бошковски, Обединети за Македонија и Јове Кекеновски од ФРОДЕМ, дознава Фокус.

Лидерите се очекува да ги усогласат ставовите околу заеднички настап на десницата и на центарот на престојните предвремени парламентарни избори.

Средбата доаѓа по изненадувањето што го предизвика Ламбе Арнаудов, со изјавата дека со ВМРО – ДПМНЕ се водат разговори „многу коректно и со максимално почитување и од двете страни.“

„Седнавме еден наспроти друг, секој со честа, но и гревовите на својата партија што сме ги направиле едни кон други и вмровски, достоинствено најдовме решенија за двете страни. Постојат две причини зошто се определив за ваквиот предлог. Првата е што јас сум убеден дека ние природно си припаѓаме едни со други, без оглед на некои разлики. Втората причина е длабоко емоционална но и реална, бидејќи сметам дека ВМРО и Македонија живеат во вечна симбиоза и нивниот опстанок не е можен еден без друг. Толку за моето ,,предавство“.

Оваа изјава предизвика бура од реакции кај членството на ВМРО – НП, по што, како што е најавено, денеска по средбата на лидерската четворка на десницата да одржи состанок и Ивршниот одбор на ВМРО – НП.

Георгиевски во интервју за ТВ Нова синоќа рече дека партијата на избори ќе оди, најверојатно со десниот блок -„ Оставам мала резерва, да не случајно преговорите со десниот блок заглават на некои техникалии“, додаде Георгиевски.

 

 

Поврзани новости