За денес во Клубот на пратениците во Скопје е закажана лидерска средба на која премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров ќе ги информираат претседателот на државата Ѓорге Иванов, претседателот на Собранието Талат Џафери и лидерите на политичките партии за преговорите со Грција за спорот со името, најави премиерот Заев во Охрид.
-Би сакал да се запази редот, да има информирање за деталите. Прво да му ги соопштам на претседателот на државата, на лидерот на опозицијата, на лидерот на најголемата албанска партија, претседателот на Собранието. Тоа е редот, за да имаме шанса да изградиме национален консензус по вака важно прашање. Веднаш по состанокот ќе дадеме изјава и сето ќе го споделиме со јавноста, рече Заев.
Премиерот не сакаше да коментира каков е неговиот став како граѓанин, а не како премиер, по однос на можниот предлог што се објавува по медиумите, апелирајќи на трпение за да се даде шанса да успее преговарачкиот процес.