Екс премиерот Никола Груевски се очекува на 21 ноември да седне на обвинителна клупа во Кривичниот суд, бидејќи за тогаш е закажана главната расправа за случајот со насилните протести пред Општина Центар, a за кој неодамна од Специјалното обвинителство поднесоа обвинителен предлог. Груевски, заедно со екс министерот Миле Јанакиески, пратеничката Даниела Рангелова и уште единаесетмина се обвинети за потикнување и извршување на насилство.
Од Судот се правдаат дека поради презафатеност на судијката, дури тогаш можеле да го закажат судењето.
-Судечкиот судија кај кого беше распореден обвинителниот предлог на Обвинителството за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите ( СЈО ) против 14 лица, по разгледување на предлогот, оформи предмет со К.бр 1904/16, а со оглед на распоредот на претходно закажани судења на судијата кој постапува по притворски предмети, а и големиот број на обвинети опфатени во овој предмет, главната расрпава е закажана за 21.11.2016 година во 10:00 часот за кога се испратени покани до странките во постапката заедно со примерок од обвинителниот предлог, информираат од Кривичниот суд.
На обвинетите во овој случај им се заканува казна затвор од шест месеци до пет години. Петмина се обвинети за кривичното дело поттикнување, а деветмина за насилство.
Еве што пишува во Кривичниот Законик:
„Насилство Член 386 (1)Тој што друг малтретира, грубо навредува, ја загрозува неговата сигурност или врз него врши грубо насилство и со тоа во јавноста предизвикува чувство на несигурност, загрозување или страв, ќе се казни со затвор од три месеци до три години. (2)Ако делото е извршено во група од две или повеќе лица или насилството е извршено над повеќе граѓани или сторителот телесно повредил друг, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години“.
Поттикнување Член 23 (1)Тој што друг со умисла ќе го поттикне да стори кривично дело ќе се казни како да го сторил самиот. (2)Тој што друг со умисла го поттикнува на извршување кривично дело за кое според законот може да се изречат пет години затвор или потешка казна, а нема да се направи ни обид за дело, ќе се казни како за обид на кривично дело.
Во врска со насилниот протест што се случи пред Општина Центар, во јавноста досега беше објавен разговор од опозициската СДСМ, која тврдеше дека го водат екс министерот Миле Јанакиески и тогашниот премиер Никола Груевски.
А разговорот течеше вака:
„Во петок ќе му собереме 2.000 луѓе пред Центар, дел ќе си влезат и внатре, нели имаат право граѓани да влезат. Па да видиме, да размислиме, дали еден да стане и три- четири јаки шамари да му врзе пред сите. Не може ништо да му се направи (на сторителот), нема тешка телесна повреда за кривична, има само за прекршочна“, вели во телефонскиот разговор премиерот Груевски.
Според СЈО, државните функционери од лукративни причини го организирале и поттикнале насилството врз општина Центар со цел да ја запрат измената на Деталниот урбанистички план „Мсал ринг“, со што би се нарушиле нивните и бизнис интересите на партискиот врв и на одредени бизнисмени.
СЈО утврдило дека владејачките функционери лажно создавале атмосфера дека општина Центар планира да ја запре изградбата на црквата Св. Константин и Елена, иако такво нешто не било планирано. Наредбата за организирање насилни протести биле дадена директно преку органите на партијата, а и предметите со кои се напаѓала бараката на општина Центар биле организирано носени со возило.
В.В.