Во американска воена акција во Сирија најверојатно е убиен лидерот на Исламска Држава, Абу Бакр ал-Багдади, објавија светските медиуми, во пресрет на обраќањето до нацијата што го најави претседателот на САД Доналд Трамп.
Оваа информација прв ја објави Њузвик, додека Си-ен-ен објави дека ал-Багдади бил убиен во Северозападна Сирија за време на американската мисија, во која биле вклучени хеликоптери, воени авиони и беспилотни летала.
Додека се уште се чека официјална потврда по завршување на биометриските и ДНК анализите, иранската државна телевизија соопшти дека денеска ќе емитува снимка од американскиот напад во Сирија во кој е убиен лидерот на Исламска држава, кој последен пат беше виден во 2014 година, кога зборуваше во Големата џамија во Мосул.