Дујовски: Ветингот во МВР ќе покаже дали имотот на вработените одговара на нивните примања

by Фокус

Ги собравме најдобрите искуства и од Албанија и од Велика Британија и добивме одредени сознанија за спроведување на ветингот во САД, но рано е да дискутираме точно и прецизно во која насока ќе се спроведуваат проверките кај нас, односно дали ќе една комисија или ќе бидат некоку подкомисии, вели за МИА деканот на Факултетот за безбедност, Никола Дујовски, кој е претседател на работната група чија цел е да подготви предлог-закон за спроведување проверка на вработените во МВР.

– Првиот ветинг во Велика Британија, па веројатно и во Албанија е спроведен од комисија составена од вработени во МВР и од надворешни лица, меѓународен фактор, академска заедница. Но овој процес е континуиран, тоа е процес, кој ќе ја надмине нашата кариера и затоа е важно првиот да биде спроведен од мешовита работна група или комисија, а потоа овој процес да се предаде на МВР и тоа самото да има капациет самостојно да си ги прочистува своите редови врз основа на реални мерливи и остварливи критериуми кои ќе бидат предвидени за ветинг – објаснува Дујовски.

Тој посочува дека полициските службеници ќе поминат низ процес на проверка на интегритетот со којшто ја извршуваат полициската работа, на нивната професионалност и на имотна состојба,

– Како државни службеници, тие имаат ограничени приходи и ќе се провери во соработка со другите државни институции која е имотната состојба на полициските службеници. Дали таа е сразмерна со примањата што ги имаат во МВР – порачува Дујовски.

Поврзани новости