Ова е Договорот од Преспа. Ако постоеше кредибилна, национална, патриотска, општествена, народна грчка Влада ќе го стореше ова, рече Кирјакос Велопулос, лидер на десничарско-националистичка партија „Грчко решение“, од говорницата на Парламентот и го искина листот со Договорот од Преспа.
-Не постои ни северна ни јужна Македонија, Македонија е една и е Грција и го кажувавте тоа на протестите. Сега ја нарекувате Северна Македонија. Нашиот проблем не е претседателката на Скопје, проблемот е начинот на кој ја учат нивната историја, логиката со која самиот народ избира. Кого? – Комитите. ВМРО е најлошото што би можело да го избере еден народ. Фашистичка и нацистичка партија, регуларна нацистичка партија – рече Велопулос.
Во продолжение го извади документот со Договорот од Преспа и рече дека ако Владата не може да го стори тоа, ќе го сторат тие и го скина листот.
„Грчко решение“ е партија која на ланските избори беше шеста со освоени 4,44 отсто од гласовите и доби 12 пратеници, а на последните истражувања на јавното мислење во Грција е со зголемен рејтинг што достигнува и до седум проценти и се движи на четвртата и петтата позиција.