Македонскиот претседател Стево Пендаровски синоќа во „Вила Водно“ ги пречека лидерите на земјите од Западен Балкан, пред состанокот на процесот Брдо-Бриони кој денеска ќе се одржи во Скопје.
„Добредојде за моите колеги од регионот со кои утре очекувам да имаме конструктивна дискусија на состанокот во рамки на Процесот Брдо-Бриони“ – напиша Пендаровски на Фејсбук.
Негови гости беа претседателите на Словенија – Наташа Пирц Мусар, на Хрватска – Зоран Милановиќ, на Црна Гора – Јаков Милатовиќ, на Косово – Вјоса Османи, на Албанија – Бајрам Бегај и членовите на Претседателството на БиХ – Жељка Цвијановиќ и Денис Беќиниревиќ.
На денешниот состанок на процесот Брдо-Бриони најавено е дека ќе учествуваат и претседателот на Србија – Александар Вучиќ, и хрватскиот член на Претседателството на БиХ – Жељко Комшиќ.
Процесот Брдо-Бриони првпат се одржа во 2013 година на заедничка иницијатива на претседателите на Република Словенија и Република Хрватска, во Брдо кај Крањ.
Главната цел на процесот е целосна интеграција на земјите од регионот во ЕУ, стабилизирање на состојбите во Западен Балкан преку јакнење на регионалната соработка и решавање на отворените прашања.
Лидерите на земјите од Процесот се состануваат најмалку еднаш годишно.