Европскиот парламент, неделава нема да гласа за резолуцијата за Македонија во однос на прогрес-извештајот на Европската комисија за 2016 година, јави дописникот на МИА од Стразбур.
Иако во текот на оваа недела требаше да се гласа за резолуцијата за Македонија, европратениците одлучија да го одложат гласањето најмалку за идниот месец, поради продолжената политичка криза во земјата.
Претходно пак, на состанокот на Комитетот за надворешни работи на ЕП, состојбата во Македонија беше оценета како „загрижувачка”.
Високата претставничка на Европската Унија, Федерика Могерини, тогаш им порача на македонските политичари “да не си играат со оган” и да не дозволат политичката криза да се претвори во меѓуетнички конфликт. Могерини уште еднаш го повика претседателот Ѓорге Иванов да престане да ја блокира новата влада и да го додели мандатот на СДСМ.