Шовинистичка осмомартовска порака на прилепскиот градоначалник Марјан Ристески

by fokus

Ден спроти Меѓународниот ден на жената, на официјалната веб страница на Општина Прилеп беше објавена осмомартовска честитка со која градоначалникот Марјан Ристески им го честиташе празникот на сите, како што се вели во насловот на пораката, „прилепчанки и Македонки“!

Ваквата шовинистичка порака на прилепскиот градоначалник доаѓа во време кога неговата партија, ВМРО-ДПМНЕ, ширум државата организира протести против формирањето влада на СДСМ со партиите од албанскиот политички блок, а во исто време повикува на протестите да им се придружат и граѓани од албанската етничка заедница!? Сето ова, вклучително и празничната порака на Ристески до „почитуваните прилепчанки и Македонки“, само долева „масло на огнот“ и придонесува за зголемување на тензичните меѓупартиски и меѓунационални односи кои од ден на ден добиваат на интензитет.

За граѓаните на Прилеп, осмомартовската честитка на прилепскиот градоначалник адресирана само до „прилепчанки и Македонки“ претставува врв на неговото лицемерие и декларативните заложби за соживот со граѓаните од останатите етнички заедници кои живеат во Македонија, како и потврда на неговата, како што ја дефинираат прилепчани, прикриена националистичка матрица.

Неколку часови после објавувањето на скандалозната честитка, на „мистериозен“ начин, истата беше повлечена и преименувана во „Честитка на градоначалникот Марјан Ристески по повод 8.Март“.

Зоран Милошески

Поврзани новости