Лебица денеска преку соопштение побара лидерите на СДСМ и на Алтернатива, Зоран Заев и Африм Гаши, да не се мешаат во судската власт.
-Дополнително, покрај доделените раководни позиции, Гаши и Заев договорија и директно противзаконско мешање на извршната власт и меѓународни експерти кои ќе бидат побарани од Европската Комисија во веќе донесени правосилни судскит пресуди и тоа и за случаите: „Монструм“, „Алфа“, „Диво насеље“ и „Алмир Алиу“.
Ваквото јавно декларирано мешање т.е. повикување на одбивање на извршување на судски пресуди од страна на извршната власт претставува најпрво прекршување на тријалистичката поделба на власта (извршна, судска и законодавна) предвидена во Уставот на Република Македонија, како темелна вредност на уставниот поредок, а потоа и кривично дело насочено кон рушење на правосудниот систем на државата, предвидено во Кривичниот Законик. Постигнатиот противправен договор е во насока на исполнување на планот на Заев и СДСМ за понатамошно распродавање на државата, омаловажување и обезличување на македонскиот народ, велат од Левица.
Од Левица додаваат дека согласно член 11 став 2 од Законот за судовите, јасно се нагласува дека се забранува секој облик на влијание врз независноста, непристрасноста и самостојноста на судијата во вршењето на судиската функција по кој било основ и од кој било субјект, поради што како политичка партија која се залага за соодветна примена на правото и создавање на право кое се стреми кон правда, ги повикуваат Заев и Гаши да отстапат од ваквата нивна идеја и да не се ставаат во улоги на судии.