Политичката партија Левица, до Основното јавно обвинителство – Битола, поднесе кривична пријава против претседател на Здружението „Културен Центар Иван Михајлов” – Битола.
„Пријавениот се терети дека извршил стек на кривичните дела „Излагање на подбив на македонскиот народ” и „Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа” бидејќи: најпрво, во својство на овластено лице – претседател на здружението, умислено во просториите кои ги користи здружението во јасно воочлив голем формат дозволил да биде истакнат цитат од Ванчо (Иван) Михајлов, со навредлив јазик кој директно, намерно и недозволиво, а со цел провокација се врши негирање и излагање на подбив на македонскиот народ;
– преку дискриминаторската содржина на објавен фејсбук статус, пријавениот предизвикал разгорување чувство на омраза и нетрпеливост, директно навредувајќи го и омаловажувајќи го македонскиот народ и држава, преку задавање континуитетски граници на постоење на македонскиот народ од 1945 година, па навака, а занемарувајќи го неговото вековно постоење пред тоа.
Со промовирањето на дискриминаторскиот став на контроверзен фашистички колаборационист, близок соработник на фашистичките структури за време на втората светска војна, намерно е изигнориран и изложен на подбив антифашистичкиот карактер на македонската држава, како еден од најважните идеолошки симболи на македонскиот народ.
Пријавениот, сето ова бил должен и морал да го знае, поради што произлегува дека неговото преземено дејствие е целосно свесно и со зла намера да се разгори чувство на омраза и нетрпеливост преку негирање и излагање на подбив на македонскиот народ“, велат од Левица.