Новоформираната левичарска партија „Левица” најави дека по влегувањето во Собранието, ќе се заложи за укинување на привилегиите на функционерите и намалување на платите на пратениците.
– Нашите пратеници после 11 декември кога Левица ќе стане парламентарна партија, првиот закон кој ќе го предложат е укинување на бенефициите и привилегиите на јавно избраните и именувани функционери особено на пратениците. Планираме да предложиме нивната плата да се скрати за најмалку 500 евра. Сакаме да дадеме до знаење дека јавните функции се должност, а не се привилегија за сплеткарење и крадење на граѓаните преку патни трошоци. Како една од реформите кои што ги предлагаме е и намалување на бројот на пратениците од 120 на 100 или на 80 – рече денеска Димитар Апасиев, носител на листата на Левица во првата изборна единица.