Слаб снег вечерва провејува на патот Гостивар – Кичево преку Стража, на делницата од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир, како и на патиштата Маврово – Дебар и Лисец – Попова Шапка, соопшти ЈП „Македонија пат“. Државните патишта се проодни, а коловозите се влажни. На превојот Плетвар маглата ја намали видливоста на околу 100 метри.
Со продорот на студен воздух од север, дожд и снег се очекуваат и во дел од пониските предели. Според Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), на повисоките места се очекува снежна покривка од два до десет сантиметри, а на планините до 20 сантиметри нов снег.
Во Скопје утре ќе има повремени врнежи од дожд и снег. Се очекува врнежите во земјава да престанат кон крајот на денот, а од понеделник времето да биде стабилно и студено.