И Левица ќе ги бојкотира изборите доколку тие се одржат на 24 април, бидејќи како што велат тие, во моментов нема услови за фер избори, затоа што нема изгледи да бидат исполнети три неопходни претпоставки, а тоа се прочистен избирачкиот список; елиминирање на партиските влијанија во медиумите и спречување на злоупотребите на јавната администрација и јавните финансии за предизборен маркетинг.
-Ако се одржат избори во април, режимот ќе ги добие и нив, исто како што ги добиваше сите претходни, што може да претставува вовед во отворена диктатура. Левица нема да биде дел од такви мрачни сценарија. Договорот од Пржино всушност го отсликува држењето во заложништво на државата од страна на четирите партии потписнички. Оваа ситуација е резултат на старата политика, која е затворена, нетранспарентна и водена од лични и теснопартиски интереси, а не од желбата да им се служи на граѓаните, се вели во реакцијата на Левица.
Поради ова, тие ја најавуваат потребата од нова политика, политика која тргнува од интересите на народот, која сака да го слушне неговиот глас, која не е калкулантска, туку е бескомпромисна, политика која е водена од принципи и идеали.