Лешоски се повлекува од Струшките вечери на поезијата

by fokus

Поетот Дарко Лешоски најави дека ќе се повлече од претседателствувањето со Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата по бројните критики кон одлуката која ја донесе Министерството за култура. Во изјава за „Дојче веле“, Лешоски вели дека останува отворен за секаква помош кон враќањето на некогашната слава на оваа манифестација.

„Ги слушнав сите мислења и сите ги почитувам. Се повлекувам и се откажувам од претседателствувањето со Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата. Се заблагодарувам на укажаната доверба и останувам посветен на мојот примарен ангажман во Сервисот за односи со јавност на Владата. Нека биде ова почеток на една поинаква демократска практика“, вели Лешоски.

Неговото именување наиде на бројни коментари во јавноста кои се задржуваа на немањето искуство во организирањето на манифестации од ваков вид и на неговата улога во Шарената револуција.

„Дел од тие критики беа навистина конфузни – дека сум „поет собран од детска градинка“, но и дека младоста и староста се навистина неважни за квалитетите на една поезија, дарба, компетентност и личност. Нејсе, јас подеднакво ги вреднувам сите мислења, и дел од издржаните критики ќе бидат само една идна насока за моето подобрување. Јавното мислење го доби своето влијание. Лично, убеден сум дека можев да им дадам нов мирис и да внесам нов ветер на Струшките вечери на поезијата“, додава тој.

Поврзани новости