Голем број на звучни имиња од фолк музиката од земјава и регионот со своето присуство го збогатија 26-то издание на фолк фестивалот Филиграни.
Настанот се случуваше во салата на Дом на АРМ, и оваа година организаторите решија да не се наплаќаат влезници.
Блага Петреска, Благица Павловска, Катерина Танева, Хако Обиќ, Вики Среброва, Дамјан Стојановски и многу други музичари продефилираа на сцената, а вниманието го привлече гостинката од соседството, Лепа Лана, на која и беше доделена награда за животно дело.
Пејачката чие вистинско име е Гордана Адамов стана популарна на просторите на поранешна Југославија во осумдесеттите години на минатиот век и важеше како сериозна конкуренција на Лепа Брена.
Нејзиниот албум ,,Ја сам Лана” беше објавен во 1983 година и се продаде во рекордни 700.000 примероци.
Во тој период чести беа споредбите околу тоа која е поубава, дали Лана или Брена, која поубаво пее, која е позгодна… Сепак, последниот албум на Лана излезе во 1995 година и таа ја прекина музичката кариера и се пресели со семејството во Америка.