Ленче Ристоска до Груевски: На човек со сила можеш да му земеш, но не и да му дадеш

by Fokus

Екс премиерот Никола Груевски и поранешната министерка Гордана Јанкулоска денеска седнаа на обвинителна клупа за случајот „Тенк“, односно за набавката на мерцедесот од 600 илјади евра, но веднаш побараа прекин на судењето, бидејќи како што рекоа и самите, но и нивните бранители, немале време да го прочитаат записникот од минатото рочиште.

Обвинителите од СЈО се противеа на нивното барање и побараа постапката да не се одолговлекува, а и судијката Добрила Кацарска им посочи дека нивен бил пропустот што наместо на 13-ти да дојдат во судот и да земат записник, но и це-де од рочиштето. Тие тоа право го остварија дури денеска.

Судијката појасни дека иако судот немал обврска, сепак адвокатите биле и телефонски контактирани и им било укажано да дојдат и да земат записник. Збор побара обвинетата Јанкулоска, која рече дека не била известена да го подигне записникот, на што судијката Кацарска уште еднаш повтори дека судот немал обврска да ја известува.

Како што појасни Кацарска, поради добра волја на судот има дозволува половина час пауза, на што од место реагираше Груевски, кој констатираше дека записникот имал 17 страни, во смисла дека немат доволно време да го прочитаат.

Судијката му возврати со зборовите:„Бев јасна, имате половина час пауза“. На ова повторно реплицираше Груевски, кој извика: „Не, не бевте јасна, дали слушнавте што ви кажа Јанкулоска“.

Судијата Кацарска по кој знае кој пат повторно им објасни на обвинетите дека тоа што не добиле записници на време е пропуст на нивните бранители, додавајќи дека обвинителите од СЈО на време го подигнале истиот.

Збор побара и обвинителката Ленче Ристоска, која како што рече за да ја опише ситуацијата ќе употреби народна поговорка.

„На човек со сила можеш да му земеш нешто, но не и да му дадеш – рече обвинителката алудирајќи на тоа дека никој не можел со сила да им ги даде записниците.

По ова Груевски повторно побара збор, прашувајќи ја судијката дали може да и се обрати, на што Кацарска не му дозволи и повтори дека имаат половина час пауза.

В.В.

Поврзани новости