Од новата академска 2023/2024 година ќе може повторно да функционира Лекторат по македонски јазик на Факултетот за странски јазици на Универзитетот во Тирана.
Заедничките заложби на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ) и Македонското друштво „Илинден” од Тирана, за остварување на иницијативата за повторно отворање лекторат, дадоа конкретни резултати.
Со официјален допис упатен до Македонското друштво „Илинден” преку неговиот претседател, Никола Ѓурѓај, Деканатот на Факултетот за странски јазици при Универзитетот во Тирана, претставен од деканката, проф. д-р Есмералда Кромида, даде позитивен одговор на барањето за повторно отворање на Лекторатот.
Иицијативата за повторно отворање Лекторат по македонски јазик во Тирана беше почната во декември лани, а следеше откако МСМЈЛК при УКИМ веќе ги имаше остварено и сите чекори пред македонските институции за да се создадат услови за избор на лектор кој ќе ја изведува наставата по македонски јазик во Тирана, односно за обезбедување финансиски средства за функционирање на Лекторатот.
Во мај годинава се согледа дека прифаќањето на оваа иницијатива е со взаемна подготвеност за повторно отпочнување настава по македонски јазик.
Интересот за изучување на македонскиот јазик во Тирана е голем, како кај македонското малцинство, така и воопшто во албанското општество, меѓу новите генерации филолози. Лекторатот по македонски јазик ќе биде клучен за унапредување на културните врски меѓу двата народа и двете држави, за развивањето на добрососедските односи и за градењето нови мостови на соработка меѓу македонската и албанската академска научна средина.