По две години постоење и редовни настапи во локали низ земјава и на разни манифестации, кавадаречкиот рок бенд Лексикон го промовираше својот прв сингл ,,Така ли се чувствуваш’’.
Текстот на рок баладата е на вокалистката на бендот, Анета Мишева, музиката на Дејан Митрев, а аранжманот исто така на Митрев и на Виктор Кимов. Сите тие се членови на бендот. Покрај нив, дел од Лексикон е и Оливер Миленковски.
Обожавателите на рок музиката ја дочекаа промоцијата на песната со позитивни критики, коментирајќи на социјалните мрежи дека во едно време на турбо фолк, вистински предизвик е да се бориш против кичот со подзаборавениот добар рок.
Од Лексикон најавија промоција и на вториот сингл, која треба да се случи набргу. Освен во Тиквешијата, тие се се попопуларни во државава, а интересот за нивните настапи е показател дека рок аудиториумот кај нас е желен за нови материјали и враќање на квалитетната музика.
В.К.