Лекарската комора утре ја почнува изборната трка, местенки, кавги, препукувања меѓу лекарите

by Fokus 14:50
14:50

Лекарската Комора утре ја почнува изборната трка, најпрвин со избор на 69 делегати кои треба да бидат избрани од околу 6.000 лекари, со што за некој ден би се знаел кој ќе биде новиот претседател на оваа здравствена институција, иако во трка се само тројца кандидати, информираа нашите извори.

Избирачките места ќе бидат отворени утре од седум сабајле до седум вечерта, со што вечерта веќе ќе бидат познати имињата на новите делегати на Комората. Нашите извори коментираат дека партијата на власт вмешала прсти и во изборот на претседател на Лекарската Комора, па веќе неколку недели се врши притисок врз лекарите како и за кои делегати да гласаат, со оглед на тоа дека од нив зависи кои кандидати ќе бидат официјално предложени. Дури, цело време во тајност се чува списокот на имињата на лекарите.

- Advertisements -

Веќе подолг период, здравствената институција која се финансира од чланарината на лекарите, која е 1.200 денари на годишно ниво и лиценцирањето, кое на секоја седма година се плаќа 8.400 денари од лекар се соочува со низа скандали, тензична и напната атмосфера, кавги и препукувања меѓу лекарите. Во целата изборна трка, лекарите се поделени во табори, главна улога имаат бизнис-интересите, а во меѓувреме копјата се кршат околу измените во статутот на комората, според кои членови на највисокото раководно тело – Извршниот одбор не можат да имаат функции во други асоцијации или здруженија поради конфликт на интереси.

Токму од тие причини, неколку недели пред изборите, Лекарската комора се соочува со тужби од лекарите кои тврдат дека измените се усвоени незаконски. „Фокус“ располага со тужбите од тројца лекари. Таков е случајот со матичната лекарка Лилјана Чолакова – Дервишова, која е претседател на Здружението на приватни лекари, а истовремено е и член на Извршниот одбор во комората. Според новите статутарни измени, ако остане член на ИО, Дервишова нема да може да го предводи здружението. Но, проблемот е во тоа што кога се усвојувале измените во Статутот, од вкупно 67 делегати, присутни биле 42, а гласале само 27 од нив. Според последните информации, тројцата лекари го изгубиле судскиот процес.

„Фокус“ веќе ги објави финансиските извештаи од првите три години на досегашното раководство во кои може да се забележи дека лекарското здружение има повеќе од 730.000 евра расходи на годишно ниво. За изградба на Медицински симулациски центар биле потрошени 240 илјади евра, потоа за лицата кои се на договор на дело се плаќало околу 40.000 евра, а тука се и трошоците за гласилото на Лекарската комора Vox medici кое излегува на секои три месеци, за што се трошат 30.613 евра на годишно ниво, додека, пак, за надомест за членови на комората само во 2014 година се потрошени 63.711 евра. Исто така, од сметката на Лекарската комора се трошат пари за канцелариски материјал, тонери, касети, дискети, бензин, дневен печат и стручна литература, стручни советувања, репрезентација…

Ирена МУЛАЧКА

 

Поврзани новости