Лекарот Адил Мустафа, кој во текот на вчерашниот ден јавно обвини за организиран криминал во кој наводно биле вмешани владеачки структури на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, а по само неколку часа беше уапсен на граничниот премин Ќафасан, бил приведен по барање на Основниот суд Тетово, информираат од полиција.
Според официјалните информации кои ги добивме, уапсениот лекар бил однесен во полициската станица во Струга, а од таму бил спроведен во затворот во Тетово, бидејќи требало да издржи затворска казна во траење од 170 дена. „Фокус“ во моментот очекува одговор од судот за кое кривично дело и кога бил осуден лекарот Мустафа.
Мустафа, заедно со неговиот партнер Борче Чупетрески, на прес конференција јавно обвинија за организиран криминал, односно посочија дека болницата „Шендети“ во Тетово, не профункционирала поради организиран криминал, во кој биле вклучени приватна банка и владеачки структури на ВМРО ДМПНЕ и ДУИ.
Тие истакнаа дека се жртви на незаконска активност, во која биле вмешани политичари и банкарски работници, а сето тоа било зачинето и со барање мито, уцени и невидени притисоци, се со цел, како што рекоа, оваа инвестиција да не успее, бидејќи била на „туѓа бизнис територија“. Двајцата велат дека одлучиле своите маки и проблеми да ги споделат со јавноста, за да ги освестат и останатите бизнисмени кои се соочуваат со разни закани и притисоци, да не молчат туку јавно да проговорат.
Мустафа појасни дека во 2004 година, со свои пари ја изградил болницата, но поради штитење на монопол на некои здравствени центри, властите не дозволиле Шендети да прерасне во современа поликлиника.
Проблемот како што тврди Д-р Мустафа, започнал кога приватна банка според неговото кажување, не ја префрлила целата сума на пари од кредитот, кој што го одобрила за опремување на болницата, како дел од планот за нејзино лиценцирање и понатамошен развој.
И Адили и Чупетрески велат дека приватната банка, била поврзана со владечката ВМРО ДПМНЕ и ДУИ, се со цел да се спречи конкуренција на нови поликлиники, кои би го намалиле профитот на постојните, каде властите имале големи удели.
Како доказ за сето ова, го посочуваат одбивањето на Фондот за здравство да потпише договор со болницата Шендети, чиј Центар за дијализа бил изграден со турска инвестиција.
Болничкиот објект сега е во сопственост на приватната банка, која ја активирала хиопотеката за објектот поради неисплатнеите камати.
-Поднесената жалба до Јавното обвинителство за овој случај е одбиена. Претседателот на СДСМ Зоран Заев поседува аудио материјали за Шендети, кој автоматски треба да ги истражува Специјалното обвинителство, како дел од случаите со прислушкуваните разговори, додава Д-р Адили.