Лекарот, кој за само еден месец „заработил“ речиси 12.000 евра, е анестезиолог од КАРИЛ!

Според информациите до кои дојде „Фокус“, станува збор за анестезиолог, кој доаѓа од Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ). Името на актуелниот доктор ѝ е познато на редакцијата, но, сепак, одлучивме да не го споделуваме, за да не создадеме поголем револт од тој што веќе постои меѓу неговите колеги. Нашите извори тврдат дека докторот пречесто бил повикуван на работа и на други клиники, со оглед на тоа што нема доволно анестезиолози. Сепак, без разлика колку и да работел, нема логика дека 31 ден во месецот, 24 часа бил работно ангажиран за да земе таква вртоглава сума на пари, што е сон за јавното здравство. Исто така, голема улога може да има и дополнителната дејност, што им овозможува на лекарите да работат и надвор од работното време и приватно да заработат, но и тука можат да постојат одредени злоупотреби.

by irena 10:28
10:28

Текстот е објавен на 9 април, 2026 година во неделникот со број 1592

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

 „Не постои доктор што не сака да го излекува својот пациент.“ Оваа реченица многу кажува, со оглед на тоа што лекарската професија се смета за една од најблагородните професии, која со себе го носи целиот товар на тешката и макотрпна работа, борбата да се спаси човечкиот живот, тагата по изгубениот… Тоа е сè така, но ја имаме и другата страна на медалот, а тоа го покажуваат честите лекарски грешки и несовесното лекување.

Лекарите се луѓе како и сите други и човечки е и да се згреши, но не кога таа лекарска грешка „убива“ пациент, кога таа се забошотува и со години се влече по судските лавиринти, кога едно семејство ќе се зацрни, но никој не е изведен пред лицето на правдата и не одговара за стореното дело. Тоа се и главните проблеми, кои со години се влечат по здравствените ходници.

Факт е дека има лекари и вакви и такви, некои работат за да им помогнат на пациентите, додека има и такви што ги третираат како експериментални глувци. Секој со своето. Сепак, многу лошо е кога сите лекари се ставаат во ист кош, иако голем дел од нив работат професионално, одговорно и стручно и секојдневно се грижат за здравјето на пациентите во тешки услови, во кои функционира македонскиот здравствен систем.

За целиот овој период, низ годините се сменија повеќе од 15 министри и секој „пука“ со нови рафали против лекарите, тврдејќи дека едни работат и повеќе од што треба, а други воопшто не си ја работат работата за која се платени. Тоа го тврди и актуелниот министер за здравство, Азир Алиу, кој пред две недели, на прес-конференција откри сериозни разлики во продуктивноста на докторите во државните клиники за 2025 година.

Според неговите податоци, некои лекари имаат двојно повеќе упати и операции од своите колеги, дури и во иста специјалност и институција, што отвора прашања за управување, системски недостатоци и распределба на работата.

Тој дури за првпат излезе со информации дека во јавното здравство постои лекар што зел околу 12.000 евра плата само за еден месец, што е спротивно на реалната состојба во здравствениот сектор и на платите на лекарите-специјалисти, кои се движат околу 100.000 денари.

„Фокус“ се обиде да дознае што се случува во кругот на белите мантили, кој е тој доктор рекордер со плата, за која досега не се слушнало во јавното здравство, како стигнал до таа вртоглава сума, како и кои се лекарите што работат турбо, но и кои се забушантите?

ЛЕКАРОТ ШТО ЗЕЛ РЕЧИСИ 12.000 ЕВРА ПЛАТА ЗА ЕДЕН МЕСЕЦ

Додека пациентите со месеци чекаат за прегледи и операции и сè почесто се жалат на недостапни здравствени услуги, постојат сомнежи дека дел од лекарите прикажуваат фиктивни дежурства и стигнуваат до астрономски месечни примања. Јазот меѓу реалната слика во болниците и прикажаната на хартија отвора сериозни сомнежи за злоупотреби во системот.

Овој скандал ја разбранува јавноста и лекарската фела, а сол на раната додаде и премиерот Христијан Мицкоски, кој, исто така, на една од седниците за пратенички прашања посочи дека дел од здравствените работници воделе нереална евиденција за работни часови, прикажувајќи дека работат без прекин.

Постојат здравствени работници, кои преку еден „еликсир на континуирана работа“, книжејќи дежурства добиваат месечни примања, кои знаат да бидат и над 10.000 евра. Има случаи каде што работеле 31 ден по 24 часа, без одмор и без пауза, рече на последната седница, Мицкоски.

Мора да признаеме дека не случајно премиерот го кажа ова, со што со брзина на светлината на нозе ја крена лекарската фела, шокирани дека таква плата воопшто постои во здравствениот сектор, а не дека и некој од нивните колеги ја заработил. На тој начин се сврти вниманието на јавноста од поголемите проблеми во државата, а лекарите останаа да го бараат „кртот“ меѓу своите. Но, некако тешко оди да се открие – кој е фамозниот доктор со вртоглава плата од речиси 12.000 евра?

Според информациите до кои дојде „Фокус“, станува збор за анестезиолог, кој доаѓа од Клиниката за анестезија, реанимација и инетнзивно лекување (КАРИЛ). Името на актуелниот доктор ѝ е познато на редакцијата, но, сепак, одлучивме да не го споделуваме, за да не создадеме поголем револт од тој што веќе постои меѓу неговите колеги.

Нашите извори тврдат дека докторот пречесто бил повикуван на работа и на други клиники, со оглед на тоа што нема доволно анестезиолози. Сепак, без разлика колку и да работел, нема логика дека 31 ден во месецот, 24 часа бил работно ангажиран за да земе таква вртоглава сума на пари, што е сон за јавното здравство. Исто така, голема улога може да има и дополнителната дејност, што им овозможува на лекарите да работат и надвор од работното време и приватно да заработат. Но, и тоа е, не смее да биде на товар на граѓаните или, пак, да се прават злоупотреби и да трпи здравствениот систем.

Дека нема анестезиолози што ќе работат доволно покажува и примерот со скопската Клиника за кардиохирургија, која додека функционираше самостојно, работеше само со двајца анестезиолози, откако претходно четворица заминаа поради притисоци и мобинг на работното место.

Токму таа клиника, исто така, беше место каде што одредени лекари-специјалисти и поранешен директор во изминатиот период земале енормни суми на плати, кои се движеле од 200 до 450 илјади денари.

Откако пред десетина дена излезе информацијата дека неколку лекари земале плати над 10 илјади евра, на нозе се крена лекарската фела. Тие, во меѓувреме се трудат да откријат кој е тој нивни колега, но како и да е, револтот сè повеќе расте.

Платата на редовен професор на Клиниките со 40 години работен стаж и Раководител на оддел (највисоката позиција) изнесува помалку од 100.000 денари.

Кога истиот тој професор и доктор теоретски би дежурал цел месец 24/31, би добил дополнителни околу 250.000 денари, односно вкупно 350.000 денари.

Сè уште не можам да разберам и да сфатам како можело да се исплатат 770.000 денари, од буџетот на кој било вработен во која било здравствена установа во јавното здравство, истакна доктор Нико Беќаровски.

БАШИБОЗУК ВО ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО

 Баснословни суми од штанцани дежурства, долги листи на чекање за кои пациенти плаќаат и мито. Во македонското здравство има сериозни случаи на хаос и злоупотреби, од кои некои лекари заработуваат огромни суми на сметка на државата и граѓаните.

Првиот човек во здравството, Алиу не ја исклучува можноста за кривична одговорност за ваквата пракса. Најави дека ќе воведаат системи за евиденција на работното место со отпечаток од прст (фингер принт) за здравствените работници и рече дека веќе во две клиники го тестираат ваквиот систем.

-Системот првин ќе биде воведен во клиниките во Скопје, а потоа и во другите клиники во земјата за да може да ги следиме законски. Имаме ситуации каде што доктори прегледуваат еден пациент неделно, а други и 100 пациенти неделно. И едното и другото не е во ред. Мора да ги следиме и да направиме систем, кој, прво, реално ќе го следиме ние како Министерство и, второ, ќе реагираме навреме, рече министерот.

Според Алиу, имало установи во кои се работела дополнителна дејност двојно подолго (41 процент) од законски утврдениот минимум, кој изнесува 20 проценти од часовите.

Според нашите информации, вакви ситуации имало во седум клиники. Двајца специјалисти од иста специјалност имале многу голема разлика во бројот на извршени операции, едниот имал 1.134, а другиот 470. Во внатрешноста, пак, постојат лекари што не направиле ниедна операција цела 2025 година.

Исто така, голема разлика има и меѓу бројот на реализирани упати за шест месеци во 2025 година – еден доктор имал 16.526 реализирани упати, а друг доктор во друга клиника само 7.352 реализирани упати.

Тоа што се случува во здравството е прав башибозук. Секој си прави што си сака. Одредени лекари си одат и се враќаат на работа кога сакаат, оперираат кога сакаат и прегледуваат пациенти кога сакаат. Ова не е Див Запад. Меѓу нас нè има и подобри во својата работа, но и полоши. Има лекари, кои во цел месец прегледале едвај неколку пациенти. Тоа е жално и страшно.

Од друга страна, од сите страни ни се закануваат со казни. Нека се најдат тие лекари што заслужуваат да се казнат. Не може сите да страдаме поради нив, објаснува во изјава за „Фокус“, доктор што сакаше да остане анонимен.

Министерот Алиу најави воведување систем за евиденција со отпечаток од прст (фингерпринт) за сите вработени во јавното здравство, откако анализите покажале фрапантни разлики во ангажманот на докторите.

Ова не е прв обид на министер да најави ваков систем со кој лекарите ќе се евидентираат преку отпечаток од прст.

Ваков обид постоеше пред речиси девет години, при крајот на „владеењето“ на тогашниот министер за здравство, Никола Тодоров, пред да падне владата под палката на Никола Груевски. Тодоров имаше долга листа на недоразбирања со лекарите, чија работа сакаше да ја следи постојано, па им воведе и камери, кои чинеа 2 милиони евра, а никогаш не проработеа.

Тој, исто така, во тој период имаше испратено писмо до директорите на клиниките дека ќе се воведува централен систем за проверка на личниот идентитет на вработените во јавното здравство со користење скенер со биометриски сензор (отпечаток од прсти) за евиденција на работното време. Тоа предизвика огромен револт кај лекарите, кои потпишаа писмо дека не се согласуваат со овој начин на евиденција на работното време.

Тодоров беше познат меѓу лекарите по прекарот „Големиот брат“, откако се потруди да воведе целосна контрола над нив и нивната работа. Во тој период, власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ проба да го воведе системот „плаќање по успешност“, на што лекарите жестоко реагираа и штрајкуваа повеќе од 50 дена.

Рамка

 ФИЛИПЧЕ ВО ОДБРАНА НА ЛЕКАРИТЕ

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, пак, остро реагираше на изјавата на премиерот Мицкоски, во која тој ја коментираше платата на лекарите и дека со помош на еликсири работеле. Филипче истакна дека ваквите изјави се мизерни и навредливи за медицинските професионалци.

Христијане, за разлика од тебе, што ништо не си работел, ние сме работеле и сме дежурале и 24 часа и повеќе денови конститутивно во неделата, и моите колеги имаат право со работа да заработат. Затоа што не случајно ги зголемивме платите и дежурствата на лекарите за да имаат достоинствен живот. Ти не си тој што ќе каже колку докторите треба да заработуваат, поради тоа што тоа е работна навика. Тоа е посветеност за спасување животи за унапредување на нашиот здравствен систем. Мизерно и срамота е да кажеш како еден универзитетски професор дека докторите работат на еликсири, му порача Филипче на Мицкоски.

Тој се спротивстави и на идејата за воведување „фингерпринт“, како начин на мерење на работното време за докторите.

Ова е една страшно понижувачка мерка од еден човек што моментално е министер за здравство, а со здравството и медицината нема никаква врска. Човекот доаѓа од ИТ сектор и не знае што е здравствениот сектор, па медицината воопшто не ја познава, рече Филипче.

Лидерот на СДСМ додаде дека таквата мерка ја сведува медицинската професија на ниво на работници, кои се задолжени да се отчитаат на почетокот и крајот на работниот ден, што не се случува никаде во светот.

Се поставува прашањето: што кога некој доктор ќе дојде попладне и ќе биде повикан од помлад колега за консултација? Ќе се остави „фингер принт“ тогаш? Ќе го плати министерот дополнително?, вели Филипче.

 

Слични вести