На мета на здравствените и санитарни инспектори се нашле и две лекарки од скопската Клиника за Гинекологија, од која едната е инфектолог, а другата е лекарката што веќе ја објави „Фокус“ која цели 18 месеци не се појавила на работа.
Според нашите информации, лекарката која не доаѓала на работа, а цело време земала плата не може да полага специјалистички упат затоа што поминал рокот за полагање. Нашите извори од Деканат тврдат дека таа требало да полага пред повеќе од една година, поточно на 30 јуни, 2016 година, а таа само шест месеци порано од 1 јануари почнала со работа.
Како што веќе објавивме, претходната директорка на клиниката Марија Хаџи-Лега во јануари, 2016 година примила на работа докторка што цели 18 месеци не се појавила на работното место, но затоа пак на сметка редовно добивала плата. Откако се појавиле реакции на клиниката, лекарката, кој е специјализант немала друг избор, па морала да се појави на своето работно место. Таа првпат на работа дошла во април, 2017 година.
– Некои од вработените дежураат секој трети ден, односно паѓаат од работа, додека некои земаат само плати, а воопшто не се појавувале на клиниката. Кој ќе сноси одговорност за хаосот што беше на клиниката – коментираат дел од лекарите.
Ваквите информации дека лекарка не се појавувала на работа, за „Фокус“ ги потврди и новата директорка на клиниката Викторија Јовановска, која за овој проблем зборела на стручен колегиум пред сите колеги, барајќи начин како да се реши проблемот.
Ирена Мулачка