Лекарите специјализанти бараат веднаш да се стопира донесувањето на новите прелог законски измени во ЗЗЗ и наместо со преодни и парцијални решенија трајно да се реши статусот на сите специјализанти, со соодветна валоризација на нивниот труд.
Тие реагираат откако вчера скоро сите медиуми биле преплавени со бомбастични наслови дека конечно е подобрен, па дури и решен статусот на лекарите специјализанти со уште една нова револуционерна реформа во здравството.
– Бараме конечно да бидеме слушнати. Бараме веднаш да се стопира донесувањето на новите прелог законски измени во ЗЗЗ и наместо со преодни и парцијални решенија конечно да се пристапи кон трајно решавање на статусот на сите специјализанти, со соодветна валоризација на нашиот труд преку исплата на реална и чесно заработена плата за сите лекари на приватна специјализација и менување на договорите на државните специјализанти со сооднос 1:1 во однос на годините кои треба да ги одработат во јавното здравство и финанските средства за школарина со кои го гарантираат исполнувањето на таа обврска. Ние не сме ниту волонтери, ниту робови за да бидеме максимално експлоатирани, а притоа да не добиваме ниту денар плата. Во денешно време срамота е за една современа земја која тежнее да стане ЕУ членка вака да ги третира своите лекари специјализанти, на најдолното општествено скалило – наведуваат лекари специјализанти на Медицински факултет при УКИМ.
Тие тврдат дека група лекари специјализанти и идни специјализанти, пред два месеца се обратиле до министерот за здравство преку Петиција потпишана од 350 лекари со конкретни барања за решавање на нивниот статус.