Лекарите кои биле на предавањето во „Рагуза“ изложени на јавен линч

by fokus

Лекарите и останатите медицински лица кои на 7-ми март биле присутни на стручното предавање за дерматолозите во ресторанот „Рагуза“ во Скопје заедно со директорката која е позитивна на коронавирусот, неправедно се изложени на јавен линч – за „Фокус” раскажува близок роднина на една од докторките која деновиве е во домашна самоизолација, според препораките на Министерството за здравство.

Нашиот соговорник тврди дека неговата сопруга добила голем број на непријатни пораки од страна на лица кои дури и не ги познава, а сличен бил случајот и со други лекари кои биле присутни на настанот.

-Луѓето си донесуваат разни заклучоци, владее голема омраза, а вистината е дека доколку било кој знаел дека директорката на клиниката за кожни болести е позитивна на коронавирус, секако дека не би одел на предавањето – тврдат блиски на дел од лекарите кои биле дел од настанот.

И во останати градови во земјава, каде поради малиот број на жители се знаат кои се кожните лекари и нивните семејства, владее слична ситуација. Дури и некој од дерматолозите да не бил присутен на настанот во „Рагуза”, со резерва се земаат средбите со нив и со нивни блиски. Велат дека без сопствена вина се нашле во оваа состојба и бараат разбирање од јавноста.

И на социјалните мрежи можат да се прочитаат голем број на коментари во кои присутните на предавањето се напаѓаат, иако без свое знаење се нашле во иста просторија со заразената докторка. Најчесто се реагира поради тоа што иако тие се во домашна изолација, нивните блиски слободно се движат помеѓу народ, со што постои можност на евентуално ширење на вирусот.

На симпозиумот за дерматовенеролози во Скопје, каде била и докторката позитивна на коронавирус присуствувале 103 лица. Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека сите лица кои биле присутни на настанот се исконтактирани телефонски, кај дел од нив е спроведено и интервју од епидемиолозите, и дадена е мерка домашна изолација.

В.К.

Поврзани новости