Еден ден откако Димитар Ковачевски станува мандатар за состав на нова влада на 29 декември минатата година, фирмата основана од него Пиксел Груп која е основана токму од него добива исплата на државна помош од над 203 илјади евра, истакна пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков.
-Значи Ковачевски со мандат за премиер, а неговата Пиксел добива државна помош од огромни 203 илјади евра. Ова е најголемата во низа исплати од над половина милион евра извршени од владата и ФТИР кон Пиксел груп основана од Ковачевски во периодот од 2019 до 2021 година – рече Лефков.
Покрај земените 2 милиони евра државни тендери, додаде тој, фирми од соларниот картел овозможиле богатење и на други фирми и лица.
-Се наметнува сомнение дека преку фирмата КМГ ЕОЛ Квазар на кумот на Ковачевски, Горанчо Паунов, овозможена е можна злоупотреба во општина Гази Баба додека градоначалник на општина бил кадар на СДС. Имено фирмата на кумот на Ковачевски е надзор на проектот за изградба и реконструкција на улично осветлување, а заврши во обвинителство, заради незавршени работи, кои биле наплатени со помош на потписот на надзорниот орган претставуван од кумот на Ковачевски – рече Лефков.
Со проектот за улично осветлување во Гази Баба, според него, наплатени се бандери и сијалици кои воопшто не биле поставени.