Леб и циркус или зошто ДПМНЕ и покрај сѐ освои толку многу гласови?

by fokus

Пишува: Драган АЛЧИНОВ

Се’ уште не ги знаеме официјалните резултати за распределбата на мандатите од пребројувањата на ДИК. Се зборува и за нерегуларности со речиси 40 илјади неважечки ливчиња.

Во оваа ситуација со непотврдени резултати и разноразни шпекулации не можеме да зборуваме за победник и поразен. Но, една работа е јасна: 452.709 граѓани дадоа поддршка на ДПМНЕ и тоа за нас како држава и општество е поразителна бројка. Тоа се 452.709 граѓани кои очигледно сакаат да бидат лажани, крадени, манипулирани, газени, понижувани. Ним не им сметаат грешките на ДПМНЕ, сите нивни криминали, неспособност и неостварени ветувања. Не им смета тоа што предничиме по сите параметри за мизерија, ни тоа што сите показатели покажуваат дека државава опасно назадува по сите основи. Не им смета тоа што 700 милиони евра завршија во стиропор. Ни тоа што премиерот на најсиромашната држава во Европа се вози во најскап автомобил во Европа. Ни тоа што поединци од власта станаа милијардери со наши пари. Не им сметаат ни упропастените патишта. Ни загадувањето на воздухот. Ни тоа што сме рекордери по стапката на смртност во болниците. Не им смета тоа што и тие самите и нивните деца се малтретирани од екстерните. Ни тоа што немаат никаква заштеда, а пливаат во долгови и кредити. Ни тоа што државата ни стагнира во место 10 години, а ни тоа што стотици илјади си отидоа од Македонија. Не им смета ни тоа што за да се поделат плати и пензии државата ни се задолжува секој месец.

Наједноставно кажано- тоа се 452.709 граѓани кои живеат на територијата на Европа во 21 век, а немаат чувство за државата и за општото добро.

И не може човек, а да не си го постави прашањето: Можно ли е народов да е толку заслепен и несовесен после сите грешки и криминали на ДПМНЕ? Зошто сево ова ни се случува и зошто ДПМНЕ освои толку многу гласови?

Одговорот на ова прашање лежи во римската фраза ,,Panem et circenses’’ односно по нашки кажано ,,Леб и циркус’’ (или ,,Леб и игри’’). Груевизмот, всушност, фундира во ,,Лебот и игрите’’. Оваа фраза во својот историски контекст го означува периодот на декаденција на Римската Република- односно оној период кога римските граѓани веќе не се грижеле за својот политички и цивилизациски развој и ги напуштиле своите граѓански должности, па единствено се грижеле за тоа да имаат доволно леб за да ги нахранат своите стомаци и доволно циркус за да имаат разонода за своите мозоци. Римската држава, пак, им го обезбедувала токму тоа на своите граѓани- многу ефтин (или дури и бесплатен) леб, бесплатна бања (!), бесплатно следење на гладијаторските борби итн. Еден римски поет од тој период пишува: ,,луѓето кои некогаш беа воени команданти и беа на високи граѓански и државни позиции сега сето тоа го запоставија и се грижат само за две работи: леб и циркус’’. И токму благодарение на политиката на ,,леб и циркус’’ паѓа Римската Република и се воспоставува Римската Империјата. Паралелата меѓу римската декадентност и епилогот од вчерашните избори е повеќе од јасна.

Несомнено формулата ,,леб и циркус’’ функционира беспрекорно, без разлика дали се работи за првиот или за дваесет и првиот век. Таа секаде продуцира пад на републиката и вовед во авторитарно владеење. ДПМНЕ во овие 10 години успеа да даде доволно ,,леб’’ за да ги нахрани стомаците и да направи доволно ,,циркус’’ за да ги одржи мозоците зафатени со небитни работи.

ДПМНЕ успеваше да ја одржи власта 10 години без ниту еден стратешки проект. Но, ако немаше стратешки проекти- имаше барем доволно мини фини проектчиња за замачкување очи на јавноста, а имаше и огромно количество на клиентелизам. Власта по 3 пати сечеше ленти на едно исто тениско игралиште, а не пропушташе прилика да пресече лента и на секои 100 метри изграден пат. Успеа да го натера народот да верува дека многу се труди само затоа што редовни работи (како на пример кречење училиште или поправка на кров) ги презентираше како големи проекти. Од друга страна, клати врата- земај плата е исклучително ефикасен метод за добивање поддршка. Неправедно доделените субвенции го ублажуваат горкиот вкус на слабиот откуп. Неповратните кредити за самовработување доделени и таму каде што треба и таму каде што не требаше ги замолкнуваат оние кои не успеале да се доберат до место во државната администрација. Бесплатен автобус, бесплатна бања и 200 денари поголема пензија ја ублажуваат болката од безнадежноста на внуците. Така, ДПМНЕ даде доволно ,,леб’’- доволно за секој да преживее, но не и да живее; доволно леб само за денес да биде нахранет, а за утре ќе треба пак да дојде да бара. Непосредно пред изборите заканите беа дека ако ДПМНЕ падне- ќе го снема лебот, како што впрочем и можевме со свои уши можевме да ги чуеме зборовите на директорот на прилепската болница пред некој ден. Поради тоа, корумпираните гласачи не сакаа казна за корумпираните политичари.

Од друга страна, ДПМНЕ обезбеди и доволно ,,циркус’’ за да го оттргне вниманието од вистински важното и да го пренасочи кон фиктивното. ДПМНЕ создаде свој сопствен Колосеум во кој изигруваше гладијатор кој се бореше со замислени непријатели. Странските служби, соседните држави, масоните, Сорос, петтоколонашите, етничките Албанци и што ли уште не измисли ДПМНЕ, на тој начин создавајќи си имагинарен непријател против кој наводно војуваше. На тој начин го задржа вниманието на јавноста. И така, со силна поддршка од верните медиумски пропагатори, успеа да ја претвори битката против криминалот во битка против замислените непријатели. Го натераа народот да не верува на она што го чу со свои уши во ,,бомбите’’, а да верува на она што го нема чуено од никого (со лажните обвинувања дека СДСМ ќе воведе федерализација и двојазичност). Понаивните паднаа на овој ефтин трик на ДПМНЕ, верувајќи во баба Рога приказните за мали деца.

Циркусот имаше и една друга цел- требаше да ги стиши цревата кои освен леб бараа и месо и зеленчук и овошје; но, наместо потребните нутриционистички вредности, клиентите на власта добија пропаганда која не нахранува ама барем дава чувство на возвишеност. Така на пример недоволно ухранетите се радуваа на тоа дека ете сега нашиот гладијатор ќе ги порази тајните друштва кои ја мразат нашата света земја. А бојните повици беа погласни од кркорењето на цревата.

Што со леб, што со циркус, ДПМНЕ ги врбува тие свои верни 452.709 гласачи. Иако ,,бомбите’’ и СЈО го разголија ликот на Груевски и неговите соработници, сепак само триесетина илјади традиционални гласачи на ДПМНЕ му откажале поддршка. Иако другите партии покажаа дека можат да се реформираат, да вклучат нови и неизвалкани ликови во својата кампања, да изработат сериозни програми, сепак членството на ДПМНЕ не беше заинтересирано за промени и реформи. Можеби најболно е тоа што ДПМНЕ доби поддршка онаму каде што најмалку ја заслужуваше- особено во селото Стајковци кое пред само неколку месеци настрада заради негрижата на власта и во најзапуштената трета изборна единица.

Очигледно дека формулата ,,Леб и циркус’’ се’ уште добро функционира, обезбедувајќи цврста платформа за груевизмот. Првин дади им леб и циркус, а потоа закани им се дека лебот ќе го снема и дека замислените непријатели ќе не’ уништат.

И можеби оние 452.709 гласачи на ДПМНЕ нема да му донесат победа, но за нас како држава и како општество тоа е поразителна бројка. Поразително е тоа што сите ние имаме по некој во тие 452.709 гласачи- роднина, сосед или пријател кој јадејќи го бесплатниот леб и забавувајќи се со бесплатниот циркус го загубил чувството за добро и лошо, за државност и за општ интерес. Пред идната власт има една голема задача: првин да го собори Груевски, а потоа да го собори и груевизмот.

 

Поврзани новости