-За десет години владеење на Никола Груевски и фамилијата, повеќе од една четвртина од македонското население замина по светот, оставено без егзистенција и без иднина во сопствената земја. Никола Груевски и неговиот режим, невешто ’намалувајќи’ ја невработеноста, ќе бидат запаметени во историјата како единствена причина за егзодусот на Македонците во 21 век, се вели во денешното соопштение од ЛДП.
Од партијата велат дека трендот на миграција на населението од Македонија во странство, добива сè позагрижувачки размери, а најновите податоци на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) покажуваат дека само за една година, Македонија ја напуштиле најмалку 20.562 македонски граѓани, што е рекордна бројка на иселени луѓе во последните 15 години.
-Кратко кажано – заминува иднината на оваа земја. Оваа вистина никого не остава рамнодушен. Токму затоа срамот за Македонија, Никола Груевски и неговиот режим треба да заминат час поскоро, покрај сите криминали и злодела направени врз грбот на македонскиот народ и како морална одговорност за егзодусот и разнебитувањето на државата“, велат од ЛДП.