Активистите бараат да не се известува сензационалистички за сидата

by Фокус

Сензационалистичкото известување за местото на живеење, возраста, образовната средина, сексуалното однесување и сл. не само што можат да доведат до индиректно разоткривање на нечиј идентитет, туку и сериозно ги обесхрабруваат луѓето да се тестираат за ХИВ; а оние што веќе се тестирале и се ХИВ-позитивни, ги одвраќаат од тоа да побараат здравствена грижа и да пристапат кон лекување, велат од македонската Платформа за одржливост на сервисите за превенција и поддршка за ХИВ.

Платформата ја сочинуваат 16 граѓански организации коишто директно се вклучени во спроведувањето на теренските активности за превенција, грижа и поддршка за ХИВ помеѓу ранливите групи граѓани.

– Апелираме до стручната јавност при известувањето да користи информации коишто ќе понудат сеопфатно информирање на јавноста за начините на пренос и превенција од ХИВ, и нема да ја доведат јавноста во паника и да поттикнат стигма кон дел од граѓаните во земјата Апелираме до јавноста дека нема простор за паника доколку во нивното семејство, образовната и животната средина некое лице има ХИВ – велат здружениејата.

Тие потсетуваат дека е од огромна важност, луѓето кои биле во ризик, што порано да го дознаат својот ХИВ-позитивен статус, бидејќи навремената терапија значи долг, здрав и квалитетен живот. Исто така, терапијата значи и превенција, бидејќи т.н. антиретровирусни лекови ја намалуваат веројатноста за пренос на вирусот по сексуален пат за дури 96%

– Апелираме до Владата на Република Македонија дека по заминувањето на Глобалниот фонд во 2016 година, кога Македонија ќе престане да прима донациски средства за програмите за ХИВ, државата ќе треба да изнајде начин како овие клучни јавноздравствени програми да продолжат успешно да функционираат во соработка на граѓанскиот сектор и Министерството за здравство – предупредуваат граѓанските организации.

Поврзани новости