ЛДП резервирана за интервјуто на Заев, бараат средба со коалициските партнери

by Fokus

Претставниците на Либерално демократската партија, коалициски партнер на владејачката СДСМ во Владата на Северна Македонија, засега нема да излезат јавно со својот став по интервјуто на премиерот Зоран Заев за БГНЕС, но побарале средба на коалиционите партнери за да се разговара за ЕУ перспективите, особено во контекст на ветото од Бугарија, велат за „Фокус“ од партијата.

– Нема да ги коментираме изјавите на дел од бугарските политичари до завршувањето на тамошните избори, бидејќи немаме намера да им помагаме во градењето на нивниот рејтинг заснован на шовинистичка и националистичка реторика. ЛДП се залага за решавање на сите отворени прашања преку отворен дијалог, врз основа на взаемно почитување, споделени вредности и презентација на потврдени факти и инсистира на доследно почитување на ратификуваните меѓународни договори кои ги обврзуваат договорните страни, потсетувајќи дека сите постојни договори го потврдуваат несомненото постоење на македонскиот народ, македонскиот јазик и македонската култура. Ние го осудуваме говорот на омраза, особено на неприфатливиот говор кој го негира самоидентификувањето на секоја личност и на секој колективитет, вклучително и понижувањето на македонскиот народ и македонската нација, порачуваат од партијата.

Според нив историчарите во поставените меѓудржавни комисии, но и генерално во регионот, треба да имаат соработка во утврдувањето на неспорните историски факти и за нивно преточување во заеднички историски наративи, а партнерите во ЕУ да ги изолираат овие националистички политики.

С.Т.

Поврзани новости