ЛДП: Премиере на народот му треба леб, а не Дизниленди и панорамски тркала

by Фокус

Отворена е Падорината кутија со нов ценовен шок за граѓаните. Со поскапувањето на струјата од 3,5 отсто ќе бида погодени околу 150.000 семејства. За потрошени 300 киловати ќе се плаќаат 600 денари месечно, што е многу за едно просечно македонско семејство. Изборите завршија со фалсификат и мамење на граѓаните. Едни се сместија во Владата. други во законодавниот дом, трети по институциите. Ова е само дел од соопштението што денеска го испрати ЛДП, реагирајќи на новите поскапувања.

– Поскапеа пченицата и лебот, но поскапеа и мазутот, нафтата, цигарите. Нашата Влада и нејзините функционери не живеат само од плата па затоа, како што и сами изјавуваат, поскапувањата не ги погодуваат, а и не се заинтересирани за нив. Премиере, дали знаете дека просечната нето плата во Македонија за месец април изнесувала 21.175 денари? Сигурно не знаете дека според официјалната статистика, на едно просечно македонско семејство му се потребни 32.000 денари месечно за основните животни потреби. А, сигурно не знаете ниту како да се пополни дупката од 10.000 денари, доколку работи само еден член од семејството – се наведува во соопштението од ЛДП.

Според нив, во мај годинава, во однос на истиот период лани, биле потребни 1.500 денари повеќе за да се преживее месецот, а домино ефектот кој што ќе го предизвикаат овие поскапувања, според најавите, ќе торпедира во септември.

– И сето ова, вообичаено, за да се замае народот, се покрива со некакви си спектакуларни апсења или инвестициски турнеи на премиерот и неговата свита. Премиерот да престане со недомаќинското трошење на народните пари за разни панорамски тркала и Дизниленди, барок и фонтани и инвестирања во други непродуктивни проекти. Инсистираме на враќање на дневната ефтина тарифа за струјата, ефтината викенд тарифа и враќање на старите цени на лебот и бензините. Премиере, гладните и осиромашени граѓани бараат од Вас да ги исполните дадените ветувања дека во Македонија ќе расте животниот стандард и дека ќе цвета економијата. Во спротивно, порано или покасно, ќе мора да се соочите со нивниот гнев – се наведува во соопштението.

Поврзани новости