Иницијатива за донесување на Одлука на Владата за употреба на локалните топоними за населените места во Украина на украински јазик, со нивна транслитерација на македонски јазик, поднесе ЛДП преку Емил Кирјас и потпретседателката Моника Зајкова.
Како што соопштија од ЛДП, тие иницираат наместо Киев да се употребува Киив, наместо Запорожје да се употребува Запорижија, наместо Луганск да се употребува Луханск, наместо Мариупол да се употребува Мариупиљ, наместо Дњепар да се употреби Днипро итн.
„Воедно, предлагаме Владата да донесе одлука конечно да престане да се употребува неприфатливото именување на Република Беларус на македонски јазик како „Република Белорусија“ за што белaрускиот народ, како што самите се нарекуваат (а не белорускиот!) и државата веќе се имаат изјаснето со соодветни јазични, законски и уставни измени. Препорачуваме, во македонскиот јазик исто така да се употребува и уставното име „Република Латвија“ наместо досегашното име преземено од руското наименување „Република Летонија“, се вели во соопштението на партијата.
Во иницијативата има и предлог до Министерството за надворешни работи, во најкус можен рок во соработка со Амбасадата на Украина во Скопје, да и предложи на Владата соодветна одлука во оваа насока, со која ќе им се наложи на сите институции во државата да ги користат украинските топоними во македонскиот јазик.
„По посетата на Украина на крајот на август оваа година, во екот на руската агресија, ни беше предочено дека реализацијата на руската експанзионистичка и империјалистичка политика во доктрината на непризнавањето на украинскиот јазичен и етнички идентитет се манифестира и преку употребата на руските топоними за украинските населени и географски места, наместо на соодветните украински топоними. Таа практика може да се забележи во официјалната употреба за топонимите за населените места во Украина и на македонски јазик“, велат од партијата.