Либерално – демократската партија денеска излезе со соопштение во кое побара итно формирање на политичка влада без осомничените за криминал од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Целото соопштение од ЛДП ви го пренесуваме интегрално:
Само суштински решенија и вистински реформи можат да ја извлечат Македонија од длабоката политичка и општествена криза во која ја втурна авторитарниот систем на владеење на Никола Груевски и врхушките на ДПМНЕ и ДУИ. Во Македонија мора да се врати демократијата, владеењето на правото и да се сечат во корен сите криминали што ги продуцира и практикува власта, предводена од Груевски.
Секој изминат ден со Груевски на власт е изгубен ден за граѓаните на Р. Македонија.
Токму затоа, ЛДП предлага итно формирање на преодна, политичка, концентрациона влада, чија цел ќе биде враќање на довербата во срушените и узурпирани институции.
Предлагаме преодна влада која ќе има мандат од 6 до 9 месеци со специфични задолженија, што ќе подразбираат:
– Прочистување на избирачкиот список,
– Гарантирање на слободата на медиумите и регулирање на медиумскиот простор,
– Владеење на правото подеднакво за сите граѓани,
– Одделување на партијата од државата,
– Спроведување на пописот,
– Кривична одговорност за сите оние кои ги прекршиле законите, независно на која партија или етничка група припаѓаат,
– Спроведување на фер, слободни и демократски избори.
Во новата преодна влада опозицијата ќе мора целосно да ги добие ресорите за коишто во аудиоснимките се увиде дека се инволвирани во криминал, изборни манипулации и фалсификат.
Груевски и неговите извалкани-до-гуша-во-криминал избраници од ДПМНЕ и ДУИ, не смеат да бидат дел од преодната влада. И тимот на Груевски е креатор на системот кој ги узурпира институциите и изврши флагрантно прекршување на законите, по безброј основи, што доведе до целосен крах на вредносниот и општествениот поредок во државата.