Прераната смрт на 9-годишната Тамара Димовска од Велес, која имаше искривување на рбетот предизвика огромен револт и гнев спорема надлежните институции. Со соопштение денеска се јавија и од Либерално демократската партија, кои побараа од министерот за здравство Никола Тодоров да си поднесе неотповиклива оставка.
Тие изразија сочуствуво до семејството на малата Тамара и жалат за прерано заминатиот млад живот.
– Македонската јавност знае дека Министерството за здравство преку министерот Тодоров даде јавно ветување дека токму министерството ќе го плати лекувањето на Тамара во странство. Оттогаш наваму, семејството Димовски беше заглавено во бескрајни бирократски процедури кои на крај доведоја до тоа Тамара воопшто да не замине на операција во странство. Министерот Тодоров треба да и одговори на јавноста во кој здравствен систем од “првите 16 во Европа”, згаснува човечки живот поради бирократски процедури ? Токму поради овие причини го повикуваме министерот Тодоров, ако има минимум достоинство и грижа на совест, да си поднесе НЕОТПОВИКЛИВА ОСТАВКА – се наведува во соопштението.
ЛДП се залага за итна прераспределба на народните пари, запирање на сите непродуктивни трошења и нивно пренасочување во програми кои ќе имаат за цел да го олеснат и подобрат животот на граѓаните.