Брзиот воз за Европската унија е наш приоритет но сепак е важно на какви програмски принципи ќе се темели владината коалиција која треба да нè движи на патот на европската агенда. Како македонски граѓани немаме денови за губење, инсистираме ефикасност и квалитет.
Ова е еден од заклучоците на Централниот одбор на Либерално-демократската партија од денеска одржаната седница во Скопје.
Од ЛДП додаваат дека ќе инсистираат на нивната иницијатива за кратење на прекумерните непродуктивни буџетски трошоци.
„Треба да престане расфрлањето на парите на граѓаните на централно и локално ниво, кое Македонија веќе не може да го издржи. Мора да дојде до итно кратење на надоместоците на комисиските членови во управни и надзорни одбори , како и агенции кои се четири пати повисоки од просечната плата, односно воведување на лимит на износот на овие надоместоци до минималната плата во државата.
Ќе инсистираме на формирање работна група во која покрај пратениците би биле вклучени и експерти од владата се со цел да се донесе одлука која ќе ги заштитат централниот и општинските буџети од расфрлање и ќе се намали финансирањето на непродуктивната администрација. Партијата ќе понуди решенија и кадри за решавање на овој голем проблем“, велат од ЛДП.