Фотографии од археолошки ископувања во Турција се прикажуваат како да се направени во Македонија и се шират лажни вести дека согласно Преспанскиот договор со археолошките локалитети во државава ќе управуваат грчките археолози, пишува Ф2Н2, проект за борба против лажни вести и наративи на Граѓанската асоцијација МОСТ.
Во текстот се посочува објава на фејсбук-страницата “Macedonian Coalition”, каде се прикажани фотографии од археолошки ископувања, а во описот се тврди дека „според Преспанскиот договор археолошките локалитети во Македонија дадени се на управување на грчките археолози“.
„Дури сега ќе се видите како изгледа легална кражба и извоз на македонското културно наследство“, стои во објавата, која завршува со пцост упратена кон Заев.
Во текстот на Ф2Н2 се потенцира дека фотографиите од објавата која предизвика големо внимание на Фејсбук не се од археолошки локалитети во Северна Македонија, туку дека се работи за фотографии од локалитет во Турција.
„Дирекцијата за култура и туризам на градот Ајдин во Турција, на 8 ноември 2020 објави дека биле откриени два саркофази во близина на античкиот град Афродизијас, како резултат на ископувањата спроведени со Музејот Афродизијас. Турските медиуми известиле за овој настан, и во нивните статии може да се видат фотографиите што фејсбук-страницата намерно ги злоупотребила за дезинформирање на македонската јавност, со цел да се предизвика незадоволство и недоверба во придобивките од Преспанскиот договор. Со тоа, објавата воедно поттикнува и омраза кон соседна Грција, а користи и недоличен јазик“, стои во текстот на Ф2Н2.