Знае овој народ кој и на премиерите, претседателите, министрите, заменик-министрите, помошник-министрите, државните секретари, директорите, советниците и на возачите ќе им го плати и ручекот и ќефот, кој ќе ги облече и џебовите ќе им ги наполни, тој истиот народ, кој е сè посиромашен и посиромашен, и материјално, и духовно.
Пишува Звонко ДАВИДОВИЌ
ДУИ ги критикува СДСМ и ВМРО дека тенденциозно и со намера го напаѓале раководството и поединци во ДУИ дека се корумпирани и извор на корупција. СДСМ го напаѓа ВМРО дека додека биле на власт ја ограбиле државата и им оставиле празен буџет и празни каси. ВМРО го напаѓа СДСМ дека им оставил празни општински каси, дека трошеле пари незаконски и биле извор на корупција.
Едни со други се напаѓаат дека се крадци, не носат маски, носат маски, за вакцини се, против вакцините се, за избори се, против избори се, дека се предавници, корумпирани, дека ја уништиле државата, дека се за НАТО, дека се против НАТО, за ЕУ, против ЕУ…
ЕХО: ИСТИ… ИСТИ…
И така во бескрај се напаѓаат, мислејќи дека успеваат да ја продадат лагата на народот, кој во далечина од сета врева слуша само ехо „исти… исти… исти“ и знае дека сево е точно и важи за сите нив подеднакво и дека се исфрустрирани, корумпирани, дезориентирани и лажливи.
Знаат дека народот и комшијата Митре, Стојко, Лазе и којзнае уште кој, не краделе, ниту распишувале тендери, туку тоа го правеле тие што на државни јасли се хранат, со туѓи пари и државен буџет располагаат, сопствените џебови ги полнат и милост кон никого немаат, а ниту срам. Токму што најмногу украле се најгласни во меѓусебните обвинувања, подметнувања, спинувања…
Знае овој народ кој краде и кој лаже, поминал многу уште од беговите и агите, кметовите, уште од турско. Знае кој прстите во касата ги има ставено, кој данок пропишува, кој го собира, кој го троши, а кој го плаќа.
Се изнаслушал народецот наш за чесноста, родољубието, патриотизмот и хуманизмот на сите аскери и сите власти кои капата му ја кроеле, мерка му земале, данок му разрезувале и ништо не му оставале, освен гордост, душата и корените.
Овие денес дури и гордоста му ја валкаат, душата му ја цицаат, а корењата му ги сечат и го обезличуваат.
Знае нашиот народ како функционира државата и својата мудрост ја преточил во приказна, која ќе ви ја раскажам.
ПРИКАЗНАТА ЗА ЦАРОТ И ЈАБОЛКАТА
Си седел еден цар на тронот и слушнал како некој вика: „Ајде на убави јаболка-а-а-а!“
Погледнал преку прозорецот и видел еден старец со запрежна кола продава јаболка, а околу него толпа купувачи. Му се пријало на царот од овошјето, го викнал советникот и му рекол: „Еве ти пет златници, трчај да ми купиш јаболка.“
Советникот го викнал министерот и му рекол: „Еве ти четири златници, трчај да купиш јаболка за царот.“ Министерот го викнал помошник-министерот и му рекол: „Еве ти три златници, трчај да купиш јаболка за царот.“
Помошникот на министерот го викнал шефот на стражата и му рекол: „Еве ти два златника, трчај да купиш јаболка за царот.“ Шефот на стражата викнал еден стражар и му рекол: „Еве ти еден златник, трчај да купиш јаболка за царот.“
Стражарот излегол, го сретнал старецот и му рекол: „Еј, што си се развикал, бе? Ова пазар ли е, или царски дворец? Марш оттука, а колата и јаболката ќе ги конфискувам!“
Се вратил стражарот и рекол: „Еве, шефе, добар бизнис. За еден златник – половина кола јаболка.“
Шефот на стражата отишол кај помошникот на министерот: „Еве, значи, за два златника една вреќа јаболка.“
Помошникот отишол кај министерот: „Еве министре, за три златници една торба јаболка.“
Министерот отишол кај советникот: „Еве, за четири златници половина торба јаболка.“
Советникот конечно се вратил кај царот: „Еве, Ваше височество, како што заповедавте – повелете пет јаболка.“
Седи царот во престолот и си мисли: „Пет јаболка – пет златници. Едно јаболко – еден златник. А народот ред чека за да купи. На овој народ му е широко околу вратот, треба да му се зголемат даноците.
Знае овој народ кој и на царот и на царската свита, на премиерите, претседателите, министрите, заменик-министрите, помошник-министрите, државните секретари, директорите, советниците и на возачите ќе им го плати и ручекот и ќефот, кој ќе ги облече и џебовите ќе им ги наполни, тој истиот народ, кој е сè посиромашен и посиромашен, и материјално, и духовно.