Откако беше најавена мерката за парична стимулација на матичните лекари од 30 денари по пациент, ако успеат да убедат повеќе од 70 отсто од своите пациенти да се вакцинираат, повеќето од лекарите се јавија со негативни коментари за самата мерка.
Пред само два дена оваа мерка беше усвоена и на владина седница, со што матичните лекари и немаат друг избор.
Доктор Ненад Лазаров, кој исто така ја критикуваше мерката излезе со нов предлог до своите колеги. Тој ги покани да се приклучат кон иницијативата под мотото „Не ни треба стимулација, туку вреднување на трудот“ и вели дека се откажуваат од 30 денари по вакциниран пациент, но бараат тие средства да бидат донирани за лекување на сограѓани.
„ Ниеден пациент не сум разубедил, а сум настапувал аргументирано. Ако не сака, не сака. Првото нешто што ќе ми го каже е „јас да се вакцинирам, а ти да кркаш 30 денари по пациент”. Нѐ понижуваат, ни велат да потпишеме дека нема да им се случи нешто од вакцината. Како да му сугерирам некому да се вакцинира, навистина не ми е јасно. Како „Топ шоп“ телеоператори треба да бидеме наместо лекари. Не знам како би убедил некого да се вакцинира, од тие што се разубедени дека не сакаат, освен со рестрикции и ограничен пристап до јавни сервиси. Не сакаат најчесто од небулозни причини, а после кога ќе дојдат болни да ги лекувам, се каат – порача доктор Лазаров.