Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Кире Лазаров, очекува добри игри на претстојното Светско првенство и дека со напорна работа може да се дојде до резултати.
Тој смета дека сегашниот состав има перспектива и дека долги години ќе игра заедно. Очекува по неколку години да се достигне скандинавскиот стил – брз ракомет и многу трчање.
– Ние имаме свој идентитет во играта, што е тешко ако се знае дека изминатите години секогаш игравме многу бавно и тоа беше еден наш заштитен знак. Не знам дали тоа ќе биде доволно да се победува или да се губи, но убеден сум дека сме на вистински пат. Во првото коло ќе играме со Норвешка. Јас од срце верувам дека за неколку години и ние ќе станеме Норвешка која игра скандинавски ракомет, со брз и препознатлив стил на игра, рече Лазаров на денешната прес-конференција во пресрет на Мундијалот 2023.