Македонските ракометни репрезентативци во реваншот во Скопје против селекцијата на Фарски Острови победија со 34-26, ги анулираа оние 34-27 од Торшавн и се пласираа на Светското првенство идната година.
Селекторот Кире Лазаров им се заблагодари на сите кои верувале во успех и рече дека неговите пулени вечерва одиграле еден од најдобрите натпревари.
„Сакам да се заблагодарам на сите кои веруваа дека овие момци може да направат пресврт. Сакам да се заблагодарам на публиката која дојде да ни даде поддршка. Среќен сум што можам да кажам дека го одигравме најдобриот натпревар, со целосна контрола на играта, без судиска поддршка во текот на мечот против квалитетна репрезентација. Уште пред да играме, повеќе пати давав изјави за квалитетот на Фарски Острови, но сите сметаа дека тоа е алиби доколку изгубиме. Им благодарам на играчите кои веруваа и се вратија од еден лош резултат. Игравме слабо, но имаше и други фактори кои придонесоа за тоа. Ова е нова репрезентација без Стоилов, Миркуловски и останатите. Друго е квалификации на ЕП, друго е бараж за СП. Горд сум на моите ракометари, сменивме многу работи. Таков е нашиот менталитет, не знаеме да почитуваме како Македонци, меѓутоа имаме големо срце. Немам коментар за критичарите, ова е уште еден среќен ден во мојот живот. Ракометарите на Фарски Острови играат од моќни тимови како Кил, додека голем дел од нашите играчи се од Македонија“, рече Кире Лазаров.
СП се игра од 14 јануари до 2 февруари идната година во Хрватска, Данска и во Норвешка.