Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на билатералната средба со турскиот колега Мевлут Чавушоглу рекол дека студениот мир е подобар од студената војна, пренесуваат руските медиуми. Средбата на двајцата министри ѝ претходеше на трилатералниот состанок со украинскиот министер за надворешни работи, Дмитри Кулеба. По трите рунди преговори на руската и украинската делегација, за првпат од почетокот на воените судири на заедничка маса седнуваат министри од двете земји.
Чавушоглу, откривајќи детали како ја договарал оваа средба што се одржува во Анталија, истакна дека украинската страна инсистирала таа да се одржи меѓу двајцата претседатели, односно Владимир Путин и Володимир Зеленски.
Според пишувањата на медиумите, во зависност од исходот од средбата Лавров-Кулеба, ќе се знае кога би се одржала и четвртата рунда преговори на делегациите од двете земји.
-Нашите интереси се прекин на огнот, ослободување на нашите територии од окупаторските сили и трето, безусловно решение за хуманитарните прашања кои произлегоа од катастрофите што ги направи руската армија во Украина, рече вчера министерот Кулеба.
Од друга страна, портпаролката на руското МНР, Марија Захарова, повторувајќи ги барањата за признавање на Доњецк, Луганск и Крим, неутрален статус на Украина и нејзина демилитаризација, истакна дека очекува напредок на четвртата рунда преговори.