Израелскиот министер за надворешни работи денеска нагласи дека неговата посета на Обединетите Арапски Емирати е почеток на патот кон траен мир со другите земји од Блискиот исток, подавајќи им рака на пријателство на арапските држави кои се уште се претпазливи за нормализирање на односите со Израел.
Јаир Лапид е првиот министер за надворешни работи на Израел што ги посети ОАЕ откако таа земја од Заливот воспостави дипломатски односи со Израел минатата година.
Лапид изрази загриженост и за иранскиот нуклеарен договор што се преговара во Виена.
Посетата на Лапид се случи во услови на несогласувања меѓу Израел и арапските земји околу обидот на САД повторно да станат дел од нуклеарниот пакт меѓу Иран и светските сили во 2015 година.
Пред три години, тогашниот американски претседател Доналд Трамп се повлече од договорот, поддржан од Саудиска Арабија и сојузниците во Заливот.
– Оваа посета не е крај на мирот, туку нејзин почеток. Нашата рака е подадена … Се надевам дека оваа посета е прва од многуте и дека заедно со нашите нови пријатели ќе продолжиме да правиме историја низ целиот регион, рече Лапид.