Ланските пари од новогодишниот дочек за Клиника за белодробни заболувања, годинава за Зимско село

by fokus

Градот Скопје подготвува богата програма за граѓаните по повод новогодишните празници. Според градоначалникот Петре Шилегов, во текот на декември на плоштадот ,,Македонија” ќе никне новогодишна населба, градот ќе биде украсен, а исто така ќе има и организиран дочек на 31-ви декември.

-Во текот на декември, на плоштадот „Македонија“ за првпат ќе осамне новогодишна населба, нешто што во Скопје досега го немало. Нашиот план е населбата со име Винтерленд (Зимска земја) за граѓаните да се отвори на 7 декември. Во неа ќе има куќички украсени во новогодишен амбиент и мала сцена на која секојдневно ќе се организираат настани кои ќе го привлечат интересот на сите граѓани, без разлика на возраста. Ќе има и топ за создавање вештачки снег, со што ќе се дополни зимската слика. Во селото ќе има и катчиња за детски игри, како и разновидни содржини од новогодишен карактер. На средината ќе се постави голема новогодишна елка, а просторот околу елката ќе биде организиран како дел за храна и пијалаци, каде што граѓаните ќе може да седнат и да уживаат во понудата на околните куќички- информира Шилегов.

Комплетната програма за новогодишната прослава, која ќе почне на 15 декември, како и за прославата на Новогодишната ноќ на 31 декември, Градот Скопје ќе ја соопштел дополнително. Неофицијално, за украсувањето и за празничната програма од буџетот ќе биле одвоени околу 260.000 евра. Минатата година Скопје, но и поголем дел од останатите градови во земјава ги откажаа новогодишните прослави на плоштад, со цел средствата планирани за дочекот да бидат пренаменети во хумани цели, односно донирани на Клиниката за белодробни заболувања.

Единствено Општина Центар организираше прослава на која настапија македонски пејачи. И дочекот на 2017 година беше откажан, во времето кога градоначалник беше Коце Трајановски. Тогаш од неговиот кабинет информираа дека планираните 2 милиони денари за дочекот ќе се донираат во социјални цели, а дел од пејачите чии настапи веќе беа најавени, тогаш најавија тужби против општината.

Трендот на откажување на организираните прослави за новогодишната ноќ на плоштадите започна пред две години во соседна Србија, кога граѓаните реагираа дека не може деца да се лекуваат со донации, а за хонорарите на музичките ѕвезди да се издвојуваат суми од по неколку десетици илјади евра.

Поврзани новости