Ламбе Алабаковски и дуото ,,Некст Тајм” ја завршија својата пролетна турнеја во Австралија и се враќаат назад во Македонија. Изминатиот месец тие одржаа повеќе концерти пред нашите иселеници во Сиднеј, Перт, Мелбурн, Волонгонг, Голд Коуст…
Според објавите на организаторот Република Ентертејнмент, настаните поминале со многубројна публика и се отпеале многу патриотски песни, но и обработки на стари македонски песни. На објавените видеа се слушаат изведби на ,,Едно име имаме”, ,,Бисер Балкански” и други, но и публиката која скандира – Македонија, Македонија.
Музичарите ја поздравија публиката која гостувала на нивните концерти со зборовите дека наскоро пак ќе се видат.
Ова беше второ гостување на ,,Некст Тајм” во Австралија во изминатите две години, а на Алабаковски второ гостување по 15 години пауза, откако како тинејџерска ѕвезда имаше настапи заедно со Елена Ристеска, Ноне Неделковска и Ѓоко Танески.
Периодов во тек е и австралиската турнеја на Сузана Гавазова со група ,,Молика”, Џамбо Агушев, Мишел Трајковски и Мајкл Карадаковски во организација на Бато Ентертејнмент. Како што за ,,Фокус” изјави Џамбо Агушев, концертите минувале во одлична атмосфера, со многу публика.
Вики Клинчарова