Мирослав Лајчак – специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина денеска изјави дека прифаќањето на европскиот предлог преставува позитивна порака, но напомена дека сега е потребно „да се фокусираме на анексот за имплементација на Спогодбата за нормализација на односите“, што ќе биде главна тема на претстојната средба во Охрид.
„За да се имплементира договорот, сега треба да се одреди редоследот на следните чекори, како и роковите и кој што треба да направи“ рече Лајчак на онлајн-конференцијата Европа и Русија на Балканскиот фронт.
„Откако е прифатен договорот, ние сме фокусирани на анексот за имплементацијата на Спогодбата, кој е клучен елемент, посочи тој.
Лајчак рече и дека целта на неговата последна посета на Приштина и Белград била да ги слушне мислењата на двете страни за споменатиот анекс и дека врз основа на она што го слушнал, до средбата меѓу претседателот на Србија, Александар Вучиќ и косовскиот премиер, Албин Курти, в сабота во Охрид ќе се подготви „нова консолидирана верзија на анексот врз основа на оригиналниот текст“.
„Тоа треба да биде основа на нашите разговори во Охрид и ако успееме да постигнеме договор за овој анекс, тогаш работата е завршена“ – рече Лајчак.
Тој оцени дека последната средба меѓу Вучиќ и Курти на 27 февруари била најдобрата досега, дека била тешка, но многу отворена и искрена.